Со задоцнување од девет години и со значително надминување на оригиналниот буџет, без многу помпа викендов се отвори новиот аеродром во Берлин, додека авионската индустрија се соочува со досега невидена криза поради пандемијата на коронавирусот.
Изградбата на аеродромот „Вили Брант“ (БЕР) започна уште во 2006 година и првично требаше да заврши во октомври 2011. Сепак, поради технички проблеми и грешки во планирањето отворањето се одложуваше дури шест пати, што во 2012 се случи само четири недели пред да треба да полетаат првите авиони. Проектот се претвори во национална шега бидејќи менаџерите на аеродромот тешко се справуваа со сѐ почестите проблеми.
„Конечно можеме да го ставиме аеродромот во функција. Конечно! Ова беше долго патување и не секогаш лесно. Затоа и не правиме забава денеска, туку само го отвораме“, изјави извршниот директор на аеродромот Енгелберт Литке Далдруп.
Аеродромот на крајот чинеше околу шест милијарди евра, трипати повеќе од оригиналните пресметки. Новиот Терминал 2 ќе се отвори следната година, зашто моментално не е потребен.
БЕР се наоѓа блиску до Берлин и го заменува „Тегел“, попрометниот од двата мали аеродрома од времето на Студената војна кои го опслужуваа обединетиот град. „Тегел“ и „Шенефелд“ годишно имаа 35,6 милиони патници.