БЕЗ ФРАЗИ СО ЗБОРОВИТЕ „МОТИВИРАН“ И „КРЕАТИВЕН“ – КАКО ДА СЕ БАРА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА

    БЕЗ ФРАЗИ СО ЗБОРОВИТЕ „МОТИВИРАН“ И „КРЕАТИВЕН“ – КАКО ДА СЕ БАРА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈАВоведното мотивациско писмо во Германија е многу важно при оценувањето на апликациите за работа; - Знак пред седиштето на Дојче банк во Франкфурт (Фото: Ројтерс)

    Како и секоја друга земја, Германија има сопствени правила за аплицирање за работа. Многу компании се обидуваат процесот да го направат полесен и фер, но сепак некои и натаму инсистираат на фотографија од апликантот. Но, сега аплицирањето најмногу функционира онлајн, пишува Дојче веле во водичот за аплицирање за работа во Германија.

    Како и во поголемиот дел од Европа, така и во Германија портали и сајтови на компаниите се најдобра адреса за ажурирани податоци за отворени работни позиции. Има и други опции како весници, саеми за работа, агенции за регрутирање човечки ресурси и најважно од се релациите на ваши пријатели и роднини. Нов тренд се обидува да се наметне и да ги истисне традиционалните методи, имено е-регрутирањето кога самите компании евалуираат преку онлајн платформи или социјални медиуми во потрага по нв талент. Катрин Хуго, тим лидер за активно регрутирање на КСИНГ, социјална мрежа ориентирана кон развој на кариера, е убедена дека е „нужно,” да се има ажуриран профил бидејќи „компаниите активно бараат квалификувани работници преку социјалните медиуми.”

    • 11 ЗБОРОВИ КОИ ВИ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА
      Büro(kratie)/Бирократи
      Многумина не работат во канцеларија, но доколку работите во Германија, канцеларија се вика „Büro“. Се разбира, од биро до бирократија нема голема разлика и многу канцеларии во Германија го исполнуваат стереотипот со тоа што ги ставаат работите во кутии, наместо да размислуваат надвор од нив. Ова може да доведе до многу „Amtsschimmel“ што во буквален превод значи канцелариска мувла.
      Chef/Шеф
      Секој вработен во Германија има „Chef“. Тоа е нивниот претпоставен и не, тој не готви за нив. Доколку претпоставениот е жена, тогаш се вика „Chefin“. Зборот е предизвик и „лажен пријател“ за Германците кои учат англиски јазик. Но, зарем не би сакале да имате личен готвач? Тој луксуз е резервиран само за врвните директори – кои немаат претпоставени.
      Telko/Телко
      Добрата комуникација е клучна за успешно завршување на работите, нели? Во модерниот и глобализиран свет сите со кои треба да комуницирате не се во вашата зграда. За голем број од вработените, телефонските конференции, „ Telefonkonferenz “, се секојдневна рутина. Германците сакаат да ги кратат зборовите па така „Telefonkonferenz“ станува „Telko “.

    Кога ќе најдете нешто интересно, или пак кога некоја компанија ќе ве најде вас, инвестирајте време да откриете дали навистина вие сте соодветниот кандидат кого го бараат. Во Германија типичен пакет за аплицирање содржи пропратно писмо, биографија, писмо со референци и препораки, сертификати за формалното образование, диплома од универзитет и други документи кои докажуваат дека имате и дополнителни знаења. Роман Дикта, шеф на одделот за човечки ресурси на консултантската фирма Капгемини во Германија, препорачува да си дадете доволно време.

    „Апликацијата треба да биде индивидуално скроена за компанијата. Стандардна апликација, која се користела за повеќе места и каде што само името на компанијата е сменето, вообичаено не наидува на добат одѕив во фирмите. Битно е да се биде свој и да се отскокнува од другите“, вели тој.

    • Gleitzeit/Глајтцајт
      “Gleitzeit” – во буквален превод значи „лизгаво време“ и е сон за сите кои не се ранобудци. Тоа е флексибилно време. Додека колегите го пијат третото кафе во 9:59 часот наутро, можете да дојдете на работа пред да почне најдинамичниот дел од работниот ден. Но, тоа можете да го направите само доколку некој од вашите колеги не закажал „Telko “ во 8 часот.
    • Kantine/Кантине
      Јадењето на топол оброк за ручек е многу важно во Германија. Голем дел од компаниите нудат „Kantine“, односно кафетерија/кантина каде што може да се најдат традиционални јадења. Доколку внимавате на вашата тежина, тогаш добра идеја би било да си понесете јадење од дома. Во секој случај, кога Германец ќе види дека јадете ќе ви рече “Mahlzeit”, односно „пријатно јадење“.
    • Quereinsteiger/Кверајнштајгер
      Во Германија, вообичаено е луѓето да работат во полето во кое биле образувани и долго да останат на тоа работно место. Неретко е многу тешко да ја промените работата затоа што голем дел од работодавачите очекуваат дипломи и сертификати од нивната област. За оние кои успеаваат да се преориентираат има посебен збор: “Quereinsteiger”, што во буквален превод значи – страничен сурфер.

    Воведното мотивациско писмо – во многу земји тоа е непотребен гест кој вообичаено се прескокнува, но не и во Германија. Иако регрутерите имаат три до пет минути за секоја апликација, често обрнуваат посебно внимание на мотивациското писмо. Тоа треба да биде кусо и јасно да наведува зошто токму апликантот е соодветен за работната позиција. Треба да избегнувате пречесто да го користите зборот „јас” и да се потсетите дека компанијата сака да чуе каква корист ќе има од тоа да ве ангажира токму вас. Писмото треба да е адресирано до конкретна личност.

    Завршете си ја задачата и пронајдете го правиот адресант. „To whom it may concern” или „Почитуван господине/госпоѓо” едноставно не поминува. И навистина често пати деталите ја прават разликата. „Грешки се случуваат. Но, граматички или правописни грешки оставаат полош вечаток за инаку добра апликација,” вели Каролин Лудвиг, менаџер за човечки ресурси на приватната Европска школа за менаџмент и технологија во Берлин. Со таквиот проблем се соочувале почесто отколку што може да си претставите и затоа таа советува некој друг да ви ја контролира готовата апликација. Катрин Хуго од Ксинг исто така препорачува да не се користат фрази со премногу зборови како „мотивиран, креативен, космополитски или приземен” бидејќи според неа не биле „многу значајни.” Таа очекува кандидатите да бидат пооригинални.
    Биографијата е многу важна. Треба да е лесно разбирлива и да вклучува клучни информации како личните и контакт податоци, образование, професионално искуство и други вештини како познавање на јазици и слично. Обидете се да избегнете дупки во професионалното искуство, или барем да најдете одлично објаснување за нив.

    • Ausgleichstag/Аусглајхстаг
      Работевте прекувремено во последно време? Тогаш време е да ги земете заработените пари и да одите на „Ausgleichstag“, односно да земете слободен ден за компензација. Доколку имате само еден ден и живеете на северниот брег, можете да прошетате по плажа. Но, доколку ви се собрани повеќе денови, имате доволно време да организирате некое подолго патување. Само мобилниот телефон оставете го дома.
    • Betriebsrat/Бетрибсрат
      Да се биде фер е приоритет во германската работна средина и секоја компанија задолжително мора да има „Betriebsrat“, односно совет на вработени кои ги застапуваат своите колеги. Тие се медијатори и ги олеснуваат преговорите со менаџментот со цел да се осигураат дека сѐ тече како што треба. Ако размислувате да се кандидирате за некоја јавна функција, „Betriebsrat“ е добро место за почеток.
    • Gleichstellungsbeauftragte/Глајхштелунгсбеауфтрагте
      Терминот значи „одговорно лице за обезбедување на еднакви можности“. Позади импресивната титула, стои важна улога која обезбедува фер работна средина. Овие лица учествуваат во процесот на регрутирање на нови работници и се присутни на интервјуата. Нивната задача е да се осигураат дека жените, лицата со попреченост и малцинствата имаат исти можности при вработувањето како сите други.

    Во Германија нема фиксен редослед на содржината на биографијата. Многумина почнуваат со личните информации и потоа работното искуство со актуелната позиција на прво место. Потоа следи образованието, други вештини и лични интереси. „Ако е можно, треба да бидете кратки и јасни, така што две до три добро испишани страни на биографијата се преферираат повеќе отколку пет излишни!” вели Каролин Лудвиг.
    Традиционално сите германски биографии содржат мала фотографија од апликантот во горниот ќош. Денес има закони кои им забрануваат на компаниите тоа да го прават задолжителен дел од апликацијата, но многу регрутери и натаму сакаат да видат фотографија. Но, ако веќе ставате фотографија, немојте да биде селфи или пак од годишниот одмор, туку направете професионална фотографија или не ставајте воопшто.

    • Elternzeit/Елтернцајт
      Се преведува како „време за родителите“, но во пракса тоа е всушност „време за децата“. Стапката на новородени во Германија е толку ниска што потенцијалните родители се мотивираат со 12 до 14 месеци платено отсуство од работа, т.е. „Elternzeit“, а по раѓањето на детето, на родителите им се гарантирани следните 3 години на работното место.
    • Feierabend(bier)/Фајерабенд(биер)
      Сите добри нешта имаат крај (дури и работниот ден). Во Германија, тогаш започнува забавата (дури и за канцеларката). Крајот на работниот ден се нарекува „Feierabend“- „време за забава“. За освежителниот пијалок во кој речиси сите возрасни уживаат на крајот на денот има посебен збор „Feierabendbier“, односно пиво за крај на работниот ден.

    Ниту едно од овие правила не е строго зацртано. Секогаш зависи од апликантот, компанијата и нивото на работната позиција за која се аплицира. За Хуго, биографијата е најважен дел од апликацијата „додека мотивациското писмо и сертификатите е ‘добро да се имаат’, но не се и задолжителни.” Во каква форма и да е напишана биографијата, според неа треба да биде максимум две страни, а мотивациското писмо една. „Тие исто така може да содржат индивидуални, креативни информации, но само доколку не ја нарушат целосната структура.”

    Овој помалку формален пристап во апликациите за работа во Германија отсликува една генерална промена на составот на работната сила во земјата. Во изминатата деценија е зголемен бројот на странци кои бараат работа во Германија, а недостатокот на квалификувана работна сила ги направи компаниите поотворени.

    Најдобар пример за тоа е Европската бизнис школа. Во моментов таму има околу 340 студенти од 65 земји кои се запишани на различни програми, а наставниот јазик е англиски. И додека некои компании имаат строги кодекси за облекување, се поголем дел ги копираат компаниите од Силиконската долина и веќе се откажуваат од такви формалности. Во компанијата КСИНГ работат 1.700 работници кои доаѓаат од 55 земји. И покрај тоа што компанијата е со седиште во Хамбург и има голема база на германски корисници, работен јазик е англиски. Исто така го следат правилото „дојди облечен како што сакаш“, без кодекс за облекување како што вели Хуго, која додава дека „е поважно што ќе сработите отколку како изгледате.”

    Конечно, откако ќе аплицирате бидете трпеливи. Доколку компанијата е заинтересирана вообичаено прво ќе ви направи телефонско интервју, а следниот чекор е лично интервју, со неколку претставници од компанијата. Стекнете што е можно повеќе информации за компанијата и немојте да доцните. Подгответе што сакате да кажете и што сакате да прашате за позицијата за која аплицирате, или за фирмата. Бидете автентични и подготвени да одговорите на прашањето за Вашите очекувања за платата. Работодавецот сака да Ве запознае. Доколку на интервјуто се однесувате различно од вообичаено, подоцна тоа ќе го иритира Вашиот нов шеф. Сега е одлично време да се бара работа во Германија. Невработеноста е ниска, економијата си врви со добро темпо и се чини дека има недостиг на стручна сила. сето ова можеби звучи како лесен потфат. Но, не е. Да се најде добра работа е задача која бара целосна посветеност. Не плашете се да се обидете и не се предавајте додека не го добиете пресудниот повик, дека сте примени.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира