БИТОЛА ГО ЗАБОРАВИ ПЕРО СПИРОСКИ, ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ГРАДСКИ СЛИКАРИ

    БИТОЛА ГО ЗАБОРАВИ ПЕРО СПИРОСКИ, ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ГРАДСКИ СЛИКАРИПеро Спироски, голем битолски ликовен уметник и член на познатата уметничка група ВДИСТ, починал во 1995 оставајќи опус од стотици уметнички дела, претежно пејсажи преку кои ја автопортретирал својата душа (Фото: СДК.МК)

    Создал големи ликовни творби во Битола, а никој не го спомнал неговото име ни дело на ниедна  културна манифестација во градот цели 22 години. Перо Спироски, голем битолски ликовен уметник, починал во 1995 оставајќи голем ликовен опус од стотици квалитетни уметнички дела, претежно пејсажи преку кои ја автопортретирал својата душа. Бил толку плоден уметник што во една година успеал да наслика дури 350 дела, минијатури, но со раскош од пејсажи и бои. За жал, неговото творештво и име како да пропаднаа во колективниот заборав на битолчани и организаторите на културните случувања.

    Спироски бил толку плоден уметник што во една година успеал да наслика дури 350 дела, минијатури, но со раскош од пејсажи и бои (Фото: СДК.МК)

    По повеќегодишна заборавеност, деновиве во битолскиот Завод и музеј, графичкиот уметник и кустос по современа уметност Владо Ѓорески- Рафик организира ретроспективна изложба за творештвото на Спироски.

    „Од 1995 година, поточно од неговата смрт, до сега овој автор воопшто не е спомнат, воопшто не е поставен на некаква изложба, не е третиран како личност која одиграла значајна улога во творечкото афирмирање на Битола. Мислам дека се работи за една сериозна дијагноза на градот, која се вика рамнодушност, нечувствителност и игноранство на половина век творештво на авторов. Во последните десет години, културата, односно супкултурата во Битола е исклучително комерцијална, естрадна и безвредна и ги потисна вистинските вредности“, вели Ѓорески.

    Спироски со четворица други битолски уметници бил член на познатата уметничка група ВДИСТ, која пред половина век влијаела врз насоките на современото југословенско сликарство. До денес се зачувал споменот само за едниот од нив, Борислав Траиковски, а другите четворица се исто така заборавени.

    „Таа група која изврши историско влијание дури и во балканските простори, благодарение на таа епидемија на заборавеност и рамнодушност, ја изгубивме од сеќавањето, ја заборавиме, па дури и да ја прогониме. Пецо Видимче , еден од најзначајните уметници во Македонија, никој не го знае, делата негови се украдени, Менде Ивановски, еден од најзначајните сценографи, сликар на неверојатна импресија, не знам дали двајца-тројца луѓе во градот го знаат, Јован Димовски, починат во Белгард, а погребан во Битола, никој не го знае, човекот кој ја обележа нашата историја, и ете Спироски кој 22 години никој не го спомнал во овој град“, рече Ѓоревски.

    Ретроспективната изложба на Спироски во битолскиот Завод и музеј ја подготви кустосот Владо Ѓорески- Рафик (во средина), а на отворањето присуствуваа и синот и ќерката на покојниот уметник (Фото: СДК.МК)

    На изложбата присуствуваше и семејството на Спироски, кое во изминатите години успеа да го сочува неговиот богат ликовен опус. Ќерката за време на емотивниот говор на Ѓорески се расплака, а синот изјави дека дека татко им бил многу дарежлив  и скромен.

    „Многу од своите дела подаруваше. Ни 10 проценти не беа продадени за пари, сѐ друго подари. Она што не го подари, го сочувавме дома. Беше противник на самофалење, тој ја величаше скромноста. Тоа можеби влијаеше на ова што сите го заборавија. Тој не се обиде да се наметне, туку чекаше да го повикаат. Имаше една изрека дека вистинските  уметници, соодветна почит добиваат после смртта. И на некој начин ете тоа сега се случува“, рече синот Илче Спироски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира