БИТОЛЧАНЕЦ СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА РАБОТИ ВОЗЕЈЌИ „КРУЗЕР“

    БИТОЛЧАНЕЦ СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА РАБОТИ ВОЗЕЈЌИ „КРУЗЕР“Битолчанецот Пеце Ангелевски -Пецката со неговиот „крузер“, како што на шега го нарекува адаптираниот велосипед со кабина,секојдневно разнесува салфети и цевки низ угостителски те објекти (Фото: СДК.МК)

    Церебралната парализа не го закова ни за кревет, ни за инвалидска количка. Битолчанецот Пеце Ангелевски (40), познат како Пецката, може секојдневно да се сретне низ битолските улици со неговиот „крузер“, како што на шега го нарекува адаптираниот велосипед со кабина. Болеста не успеа да му го скроти темпераментот, па неуморно со велосипедот разнесува  салфети и цевки низ битолските угостителски објекти. Заработувачаката е мала, но работата му го исполнува животот, а возењето велосипед му е најдобра физикална вежба.

    „Упорноста се исплатува. Со крузерот не останува место низ градот каде не можам да стигнам. Не сакам цел ден да го минам пред телевизор или компјутер. Сакам да излезам низ град, да се сретнам со луѓе, имам пријатели. Дознавам што сѐ се случува низ Битола, па дури и во партиите“, вели Пецката.

    Со неговата борба да живее што понормално и покрај големиот хендикеп ги освојува срцата на битолчани.

    Мајка му Лидија со горчина раскажува дека тука некои лекари ја советувале да го остави болното дете, да си го гледа другото кое било здраво (Фото: СДК.МК)

    „Едниот велосипед му е донација од граѓаните на Битола, луѓе од кафичите собраа пари да се набави, чинеше над  1.100 фунти, од Англија го порачаа преку Интерет. Со него слегува од дома до пазарот, таму го зема другиот велосипед со помошен мотор, донација до МКЦ, кој е од кинеско производство и со него работи низ градот. Но, проблем е тоа што му се расипа инвенторот, па не му работи моторот, сега такви не се произведуваат. Не знаеме од каде да набавиме“, вели неговата мајка Лидија Ангелевска.

    Токму борбениот дух го наследил од Лидија, дактилографка во пензија, која цели четириест години му е главна потпора во животот. Taa раскажува дека уште кога го родила во 1977, тука лекарите не поставиле дијагноза од што боледува Пеце. Имал само девет месеци кога го однела во Германија, каде ѝ кажале дека има церебрална парализа. Од тогаш започнала најзината битка да му ја ослесни положбата на синот, да го исправи на нозе, да го оспособи за живот. Лекарска помош барала по клиники низ  Германија, Швајцарија, Хрватска, Црна Гора, Србија… Како резултат на специјални третмани тој проодел на пет години, а уште како дете се научил да вози велосипед.

    Лидија со горчина раскажува дека тука некои лекари ја советувале да го остави болното дете, да си го гледа другото кое било здраво.

    „Побаравме да одиме во Љубљана читајќи во весник дека извесен доктор ставал апаратче во кичмата и дека проодувале ваквите деца. Барав документ да ми дадат од болница и докторот ми рече ‘ај што ќе ти давам за ова дете, гледај си го другото здраво дете што го имаш дома, ова остави го’. Голем удар беше тоа за мене“, вели Лидија.

    Таа вели дека за разлика одовде, лекарите во странство поинаку гледаат кон ваквите пациенти.

    „Тука го третираа како да нема чаре за ова дете, но докторот Петар Жешков, по потекло од Прилеп, кој работеше на клиника во Загреб ми даде волја за живот. Ми рече ‘ова дете може да биде учено, да биде паметно, има одлична меморија’ “, вели Лидија.

    Пеце заврши основно училиште, а денес без проблем може да користи компјутер. Мајка му вели дека единствено што му недостига е жена.

    „Најголема желба ми е да се најде девојка за Пеце. Имаме девојки кои се со хендикеп кои можеби би прифатиле да свијат гнездо со него. По нашата смрт да може да го пречека дома, да си помагаат двајцата“, вели мајката.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари