БИТОЛЧАНИ СЕ РАЗЛАДУВААТ КАПЕЈЌИ СЕ ВО ПЕЛИСТЕРСКИТЕ ОЧИ

    БИТОЛЧАНИ СЕ РАЗЛАДУВААТ КАПЕЈЌИ СЕ ВО ПЕЛИСТЕРСКИТЕ ОЧИ„Летово има доста посетители и добар дел од нив влегуваат во водата да се освежат. Водата не е топла, ама се поднесува“, рече планинарот Влатко Крбалески (Фото: СДК.МК)

    Некои битолчани кои деновиве побегнаа од горештините на Пелистер, се разладија во водите на Големото и Мало Езеро на врвот од планината. Двете се глацијални езера на надморска височина од околу 2.200 метри, па водата е студена и вистински предизвик е капењето во нив дури и преку лето.

    Ана Крбалеска една од капачите во Мало Езеро (Фото: СДК.МК )

    „Летово има доста посетители и добар дел од нив влегуваат во водата да се освежат. Водата не е топла, ама се поднесува. Сите што влегуваат не се задржуваат долго. Од овој месец, па до крајот на август ќе има доста посетители, некои не можат да одолеат и се капат. И јас деновиве влегов во Големото Езеро“, рече планинарот Влатко Крбалески.

    Езерата се предизвик за најхрабрите и најиздржливите пливачи. Дури и во најтоплите летни денови температурата на водата не достигнува повеќе од 17 Целзиусови степени.

    „Пред три години девојче скокна во Големото Езеро од карпата која ја викаат Бродот и го преплива Езерото во ширина. Се претпоставува дека беше намачкана со некоја водоотпорна крема која ја загреваше. Инаку ретко кој го препливува, а и надвор кога ќе излезите е студено, местото е ветровито“, вели планинарот Петар Ставрев.

    Зимно време се случува Големото Езеро да фати мраз. Некои тогаш преземаат опасни потфати, одат по Езерото.

    Инаку Пелистерските Очи се глацијален реликт кои и покрај долговековното опстојување никогаш не пресушиле. Големото Езеро се протега на 2.218 метри надморска височина, долго е 233, широко162, а длабоко 14,5 метри. Малото Езеро е на 2.180 метри надморска височина, долго 79, широко 162 , а длабоко 2,6 метри. Едно од друго се оддалечени повеќе од два километра. Ги викаат Пелистерски Очи поради формата и бистрината на водата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира