Препознатливото македонско „Гајдарско оро“ изведено од битолскиот мајстор на кларинет Славе Наумовски-Чапче, го оставило без зборови дури и поранешниот француски претседател Жак Ширак.
Пред десетина години, маестрото на фолклорен фестивал во Франција имал несекојдневна можност со македонски ора и песни да го развесели родното место на Ширак, мала населба во близина на Париз. Заедно со културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола, на претседателот и на другите гости им отсвиреле сплет од македонските ора „Чифте“, па женското „Чамче“ и други. Но, најсилен впечаток оставил мајсторскиот настап на Чапче, кој свирејќи ја популарната македонска „Гајда“, го расклопил кларинетот дури до пифлата, односно најмалиот дел.
„Беше тоа за време на турнејата во Франција во 2008 година. Кореографот рече да ги одбереме најдобрите песни, зашто ќе присуствува и претседателот. Пред да почнеме, пристигна Ширак со сопругата. Ја отсвирив ‘Гајдата‘. Солирав, а другите ме следеа. Тоа беше специјален настан, го расклопив првиот дел од кларинетот, па вториот и на крај, свирев само на пифлата. Тој се воодушеви и рече со овој маестро морам да се фотографирам, вакво нешто првпат слушам“, раскажува маестро Чапче.
Фотографијата му е меѓу омилените и ја чува и денес. Средбата била една година по истекот на вториот претседателски мандат на Ширак. Тој толку бил воодушевен од мајсторијата на Чапче, што го поканил со другите фолклористи да ручаат заедно.
„Дојде, ме прегрна и ми рече: ‘Сакам да ми бидеш гостин’. Во ресторанот седнавме со него. Другарите возбудено ми рекоа: ‘Чапче, немаме толку пари да го платиме ова!’ Им реков, смирете се, ни јас, ни вие не можеме ова да го платиме. Не гледате кој седи до нас? Ширак седеше до мене како сто години да се познаваме. Имавме преведувач од друштвото. Рече дека многу му се допаднал македонскиот фолклор, дека бил во Македонија и дека Киро Глигоров му е пријател“, се присетува кларинетистот.
Популарниот Ширак беше претседетел на Франција во два мандата од 1995-2007.
Франција е само една од многуте земји низ светот што ја пропатувал со својот кларинет. Дури и жители на Јордан натерал да играат на македонските ора за време на фестивалот „Јераш“, каде со КУД „Илинден“ отпатувале на покана од кралот Абдула Втори.
„Таму го свиревме машкото оро ‘Чифте’, по кое нѐ препознаваат во светот. Почнаа луѓе да играат. Им се допадна“, додава Наумовски.
За разлика од други наши истакнати музичари, тој нема музичка академија. Има завршено само четири години нижо музичко образование и еден клас средно, но со години е неуморен амбасадор на македонскиот фолклор низ светот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА