Се заѕидуваат влезовите од битолското Џепане, тврдина од 19 век и споменик на културата од прва категорија, за да се заштити од крадци. Во изминатите шест години џепането беше мета на крадците откако битолската касарана, каде е сместено, остана без војска и беше наменета за изградба на градска населба. Крадците однесоа сѐ што може да се однесе од Џепането, од врати, прозорци, салонитки од покривот, штици од подот, па дури ги оштетуваа и ѕидовите крадејќи градежни материјали.
„Иницијативата на Завод и музеј од Битола е и овој објект во догледно време да се стави во културна финкција, но пред сѐ да се заштити. Во таа смисла, интервенциите кои сега се изведуваат се за прво и основно да се заштити од натрапници, а потоа со изготвување на проект за реставрација и конзервација и тој објект да се санира. Се надеваме дека во иднина и тоа ќе биде културен простор каде ќе се изведуваат културни активности“, рече министерот за култура Робер Алаѓозовски.
Тврдината со четирите објекти е врвно дело на смилевските мајстори изградено во 1876. Битолскиот доктор по археологија Стевче Тодоровски вели дека иако тврдината била градена во отоманско време, градителите кои биле Македонци, за навек ѝ дале форма на крст. Џепането како света работа се споменува и во преданијата на Марко Цепенков.
„Се смета дека објектот го граделе врвни мајстори од Смилево во време на битолскиот валија и командант на турската војска Ќоса Ахмет Зеки-паша. Кога мајсторите го доградиле воениот магацин, валијата ги прашал колку чини, а тие одбиле пари велејќи ‘преплатено валија, за света работа пари не се земаат’. Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна писарот му кажал дека од спротивниот рид објектот се гледа како одлично изѕидан христијански крст формиран од обиколните ѕидови и четирите згради“, вели Тодоровски.
Крстот и денес може да се виде ако градбата се набљудува оддалеку. Џепането крие и други тајни белези на ѕидарите. Џепането има и значајна градителска вредност. Влезовите на објектите се направени од делкан гранит. Магацините се зајакнати со контафори кои обезбуваат вентилација, но и херметичка затвореност. Таваните се полукружни и служат како одлична изолација од влага.
Во минатото имаше идеи Џепането да биде искористено за винарски визби, снимање филмови и слично. Денес е руинирано.
Ж. ЗДРАВКОВСКА