ХОЛАНДСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ ГИ ИСЦРТАА ЅИДОВИТЕ НА СИТЕ СПРАТОВИ НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА

    ХОЛАНДСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ ГИ ИСЦРТАА ЅИДОВИТЕ НА СИТЕ СПРАТОВИ НА ДЕТСКАТА КЛИНИКАДваесет и осум ученици и тројца професори од гимназија во Ротердам, Холандија изминативе шест дена ги фарбаа ѕидовите и цртаа детали препознатливи за детската публика (Фото: К. Попов)

    Жирафа, бубамара, делфини, замоци, мечиња, риби, Аладин се само некои од цртежите кои холандски средношколци деновиве ги нацртаа на спратовите на Детската клиника во Клиничкиот центар во Скопје. Дваесет и осум ученици и тројца професори од гимназија во Ротердам, Холандија изминативе шест дена ги фарбаа ѕидовите и цртаа детали препознатливи за детската публика. Иницијативата е на невладината организација „Аут оф ареа“ во соработка со гимназијата.

    На секој спрат има разни декорации, а холандските ученици самите одлучуваат што ќе нацртаат (Фото: К. Попов)

    Учениците се на возраст од 16 и 18 години. Ени Косе од организацијата ни рече дека учениците се волонтери, и сами го подготвуваат целиот проект. Организираат разни проекти за собирање пари, и со парите кои ги собираат доаѓаат тука за да цртаат.

    „Училиштето е билингвално, и смета дека е многу важно за учениците да имаат странско искуство, да видат како е да се работи во други земји, со други култури и луѓе. Носечка идеја ни е на ѕидовите да цртаме во боите на виножитото. На секој спрат има разни декорации, но тие самите одлучуваат што ќе нацртаат“, вели Косе.

    Иницијативата за цртање доаѓа од холандската невладина организација „Аут оф ареа“ во соработка со гимназијата од Ротердам ( Фото: К. Попов)

    Холандски ученици преку „Аут оф ареа“ веќе неколкупати работеле во скопски градинки, биле и во Охрид и во Струга, а во април годинава ги украсиле и ѕидовите на Нефролошката амбуланта.

    Тие минатата недела, додека оделе кон Клиниката за да ги цртаат ѕидовите се изненадиле од расфрланото ѓубре во Клиничкиот центар, па самоиницијативно го исчистија и ѓубрето околу Детската клиника.

    Директорката на Детската клиника, Катерина Ставриќ вели дека е одлична иницијативата на децата да цртаат за децата, бидејќи тие знаат најдобро што сакаат децата и на дечињата  што лежат на Клиниката  ќе им го направат престојот полесен и поинтересен.

    Ени Косе од холандската „Аут оф ареа“ и директорката на Детска клиника Катерина Ставриќ (Фото: К. Попов)

    „Има иницијативи и од министерот за здравство, има и доборволни иницијативи од ученици, па размислувавме следен пат да поканиме ученици од средното уметничко училиште ‘Лазар Личеноски’ да ги украсат просториите“, вели д-р Ставриќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира