ХОЛАНДСКИ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ГО ЧИСТАТ ЃУБРЕТО ПРЕД ДЕТСКА КЛИНИКА

    ХОЛАНДСКИ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ГО ЧИСТАТ ЃУБРЕТО ПРЕД ДЕТСКА КЛИНИКАУчениците деновиве работат на фарбање и украсување на спратовите во Детската клиника, проект на холандската невладина организација „Аут оф ареа“, а во еден момент решиле да излезат надвор и да зачистат (Фото: K. Попов)

    Средношколци од гимназија во Ротердам денес метеа и го чистеа расфрланото ѓубре во паркчето пред Детската клиника на Клиничкиот центар.

    Преполните канти за отпадоци, ѓубре расфрлено по патеките и тревниците е секојдневната слика во Клиничкиот центар. Пациентите и јавноста повеќе пати реагираа за лошата хигиена на скопските клиники, особено во последно време, дека е валкано и дека ѓубрето не се отстранува навреме.

    Учениците од гимназијата во Ротердам денес метеа пред Детската клиника (Фото: K. Попов)

    Учениците деновиве работат на фарбање и украсување на спратовите во Детската клиника, проект на холандската невладина организација „Аут оф ареа“, а во еден момент решиле да излезат надвор и да зачистат.

    Еден од нивните професори сам ѝ пријде на екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК, со зборовите: „Ве молиме сликајте и објавете. Ова е голем срам. Видете во каква околина се лечат дечиња“.

    КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЗАТРУПАН СО ЃУБРЕ, ЌЕ СЕ ЧИСТИ ЕДНАШ НЕДЕЛНО СО АКЦИИ ЗА ВИКЕНД

    Потоа продолжи: „Без оглед на тоа какви бирократски процедури се одвиваат, не смеете да дозволите да има волку ѓубре. Колку и да не се чисти, мора да се подигне свеста и да не се фрла во веќе полните канти“, ни рече еден од холандските професори.

    Министерството за здравство неодамна го поништи тендерот за избор на фирма која ќе ја одржува хигиената во Клинички центар, со објаснување дека ингеренциите се вратени на Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники и дека таа треба да распише тендер за избор на фирма која ќе се грижи за хигиената. Во меѓувреме, неколку пати беа организирани акции за чистење на Клиничкиот центар, во кои се вклучија јавните комунални претпријатија од Скопје и локалната самоуправа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира