Групата од 5 уметници, Ѓорѓе Јовановиќ, Лубиша Камењаров, Александар Наумовски, Иван Ивановски и Андреј Митевски, деновиве наслика мурали на 5 места во Скопје со теми поврзани со актуелната епидемија на коронавирус. Акцијата ја поддржа Центарот за современи Уметности, од каде што велат дека се обиделе на уметнички начин да дадат значење на темите на социјалната еднаквост и правда во време на пандемија, значењето на почитувањето на препораките од надлежните како и со уметнички начин да оддадат јавна благодарност на медицинскиот персонал, новинарите, репортерите и снимателите, полицијата, комуналните служби и работниците кои работат на секојдневното снабдување и логистика.
Иван Ивановски пред поликлиника Бит Пазар го наслика „Вртење во круг – да го прекинеме кругот“.
„Идејата на ова дело е да ја потенцира цикличноста на процесите и можноста да се влијае на таа цикличност. Преку иконичната претстава на пес кој ја брка сопствената опашка авторот ја потенцира битноста на свесноста кај секој од нас поединечно за заштита на ичното и колективното здравје“, вели Ивановски.
Љубиша Камењаров на фасада на Мобилната монтажна галерија во аркот на франкофонијата го наслика „Др-нинџа“, а кое вели дека е „дело кое на луѓето кои се борат со епидемијата без разлика дали се медицински работници, комуналци, полицајци или нешто друго гледа како на супер херои и модерни нинџи кои сите своите моќи ги користат за справување со епидемијата и нејзино уништување за да животот може да се врати во нормала а со тоа и нивните животи да се вратат во нормала. Идејата на суперхероите всушност има за цел и да покаже дека и секој од нас може да им помогне на супер хероите на едноставен начин со тоа што ќе показе грижа за себе и другите во овие тешки моменти“.
Александар Наумовски на рампата на кејот на Вардар го наслика „Благодарност до здравствените работници, новинарите, комуналците, полицијата и снабдувачите“.
„Тема на ова дело се луѓето односно професиите кои во периодот на епидемијата на свои плеќи ги прифаќаат нејзините удари борејќи се за сите нас и овозможувајќи функционирање на виталните сегменти на општеството. Преку 5 големи портрети (комунален работник, продавачка, медицинска сестра, репортерка и полицајка) во името на сите нас им изразувам благодарност на сите нив кои јуначки се жртвуваат во овие тешки моменти“, вели Наумовски.
Ѓорѓе Јовановиќ на рампата на кејот на Вардар го наслика „Короната во тегла“, во кој на визуелен начин ги претставува напорите на човештвото да го изолира вирусот и да го стави под контрола.
„Делото го опфаќа широкиот општествен контекст на актуелната состојба претставувајќи ги од една страна напорите и потребите на човештвото за зачувување на разумот и потребата да се стави ситуацијата под контрола. Едновремено, самото дело дава и пораки за социјална правда и солидарност меѓу луѓето како единствен начин да се надминат вакви тешки состојби како што е оваа со епидемијата на вирусот“, вели Јовановиќ.
Андреј Митевски на бетонски елемент кај Железничка станица го наслика „Короната ја напаѓа планетата Земја“, во форма на коронавируси кои безмилосно ја бомбардираат Земјата.
„Но за среќа, ниту луѓете не остануваат покуси и активно секој во рамките на својата струка, научници, лекари, војска, полиција, комунални служби, и специфични знаења се вклучуваат во борбата против короната, со цел што побрзо да ја ослободат планетата од нападот на всушност нам се уште недоволно познатиот непријател“, вели Митевски.