БОРЈАН ПАНОВСКИ ТРГНУВА НА ПАТ ПРЕКУ АТЛАНТИКОТ СО ЕДРИЛИЦА

    БОРЈАН ПАНОВСКИ ТРГНУВА НА ПАТ ПРЕКУ АТЛАНТИКОТ СО ЕДРИЛИЦАПановски се вљубил во едрењето уште како дете и во меѓувреме тоа прераснало во пасија и хоби (Фото: приватна архива)

    Борјан Пановски, Македонец кој живее во Њујорк ќе се обиде да го премине Атлантик со едрилица.

    Борјан, кој долги години живее во Њујорк, ќе биде дел од шестчлената посада на бродот што ќе учествува на годишната регата Атлантско рели за крузери (Atlantic Rally for Cruisers), што ќе стартува на 24 ноември. Нивната почетна точка ќе биде шпанскиот град Лас Палмас на Канарските Острови, а целта е карипската држава Света Луција, оддалечена 2.700 наутички милји, односно 5.000 километри.

    „Ако сѐ биде во ред, треба да стигнеме на целта меѓу 10 и 12 декември. Тоа значи дека на океан ќе поминеме 15-18 денови“, вели Пановски.

    Гледано од друга перспектива, Пановски и друштвото во еден период од патувањето ќе бидат оддалечени и 2.000 километри од најблиското копно.

    „Подготовките за една ваква регата се состојат од запознавање со едрилицата и системите, координација со екипажот, договарање на сите поединечни улоги на бродот, распоред и состав на смените, со оглед на тоа дека се работи за 24-часовна активност, навигација и следење на временските услови преку сателит и радар. Секако, најважно од сѐ е безбедноста на бродот и екипажот, посебно при ноќна пловидба. Многу се важни и менталната дисциплина и контрола. Кога сте 2.000 километри од најблиското копно, немате многу опции“, вели Пановски.

    Пановски и неговите петмина колеги ќе пловат преку Атлантикот со 17-метарски брод (Фото: приватна архива)

    На вака долга авантура на отворено море, учесниците во регатата несомнено ги очекуваат многу предизвици.

    „Ноември и декември важат за најпредвидлив период за преминување на Атлантикот од Европа кон Америка по јужната рута. Тоа е период после сезоната на урагани, која трае од јули до октомври. Кога сте на брод среде океан, треба спремно да се делува во секоја ситуација, од избегнување на судир со танкер, преку ненадејна промена на правецот и силината на ветерот до испад на клучен систем за навигација или управување со бродот. Колку и да звучи неверојатно, се случуваат и судири со китови или паднати контејнери од карго бродови, кои по некоја случајност уште лебдат на површината, што може да има кобни последици. Значи, секој член на екипажот мора да знае што треба да се прави во секоја ситуација и ако се случи најлошото, да го напуштиме бродот на сплавот за спасување“.

    На рутата од Лас Палмас до Света Луција, учесниците во регатата ќе поминат 5.000 километри

    По професија банкар во областа на финансирањето на инфраструктурни проекти во транспорт и енергетика, едриличарството е пасијата на Пановски од мали нозе.

    „Во едрењето се вљубив уште како дете, кога тетин ми купи едрилица ‘Елан‘, со која едревме во Маврово и Охрид. Секое лето чекав да се појави годишникот ‘ЈУ Наутика‘ во трафиките. Таа љубов подоцна стана пасија и хоби, особено откако се преселив во Ирска пред 20 години, а оттаму во САД. Имам пловено низ поголем дел од Карибите, по целата должина на Јадранот и јужна Италија, Ирска и североисточниот брег на САД. Поседувам и лиценца за скипер за моно и катамарани до 60 стапки, односно 18 метри“.

    Атлантското рели за крузери се одржува од 1986 година и Пановски со овој подвиг може да се впише во историјата на македонското едриличарство.

    Инаку, Борјан не е првиот Македонец кој со едрилица го препловил Атлантикот. Според достапните податоци, во 2011 година, на регатата од Лас Палмас до Света Лучија на Карибите учествувал и Александар Диневски, кој живее во Швајцарија.

    И Александар е пасиониран едрач повеќе од 35 години, кој кој со едрилица пловел од Порто Вилијамс во Чиле до Антарктикот, како и од Исланд преку Јан Мавен до Шпицберген до 80. степен северно и целиот западен брег на Гренланд.

    Г. КОНЕВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира