„Часовникот на судниот ден“ се доближи повеќе од кога било до полноќ, прогласувајќи дека човештвото е опасно блиску до катастрофа. Симболичниот часовник, чии стрелки сега се наоѓаат на 90 секунди до полноќ, означува колку блиску е нашата планета до целосно уништување поради човечките постапки.
Групата Билтен на атомските научници (БАС) вели дека часовникот е поместен во најголема мера поради војната во Украина, која ја зголеми можноста за употреба на нуклеарно оружје.
Овој проект почнал во 1947 година за да го предупредува човештвото на опасносните од нуклеарна војна. Стрелките се поместуваат врз основа на анализите на егзистенцијалните закани во одредено време. Полноќ ја означува теоретската точка на уништувањето.
Во БАС членуваат и 13-мина нобеловци. Годинашната објава е достапна и на руски и украински поради војната во Украина.
„Војната покрена длабоки прашања за тоа како нациите комуницираат и очигледен пад на меѓународното однесување. Затскриените руски закани за употреба на нуклеарното оружје го потсетуваат светот дека ескалацијата на конфликтот е ужасен ризик. Истовремено, војната ги поткопува глобалните напори во борбата против климатските промени“, соопшти БАС, додавајќи дека пандемијата на ковид-19 веќе не е ризик по човештвото.
Во 2020, стрелките беа на 100 секунди до полноќ и во следните две години не се помрднуваа. Тие беа најдалеку од полноќ на крајот на Студената војна – 17 минути.