Чешката фирма која произведува лажно оружје на надувување, што вклучува и ракетни системи ХИМАРС и тенкови „абрамс“, објави дека продажбата значително ѝ пораснала од почетокот на руската инвазија на Украина. Овие мамки од синтетичка свила се користат за да се измами непријателот на бојното поле.
Директорите на „Инфлатек“ одбија да потврдат дека своите производи ги продаваат на Украина, зашто тоа е воена тајна, но признаа дека во изминатите 12 месеци производството им пораснало за 100%.
„Производите ги продаваме на голем број држави, не само во Европа. Нашите триесетина вработени секој месец произведуваат 30-40 мамки“, изјави шефот за продажба и маркетинг Повен Кумаресан.
Лажни тенкови, оклопни возила и борбени авиони тежат меѓу 25 и 90 килограми и за нивно ракување на бојно поле потребни се две до четири лица. Доколку ги поседува оригиналните нацрти за одредено парче воена опрема, компанијата може да го дизајнира за 72 часа, а ако почнува од нула, тогаш ѝ се потребни и до две недели. Кумаресан вели дека досега произвеле десетина лажни ракетни системи ХИМАРС.
Бидејќи производите на оваа компанија се сметаат за воена опрема, нивната изработка мора да ја одобрат владини тела.
Извршниот директор Војтек Фресер вели дека клучен квалитет на нивните производи е верниот изглед.
„Ако немате двоглед, од 150-200 метри нема да препознаете дека станува збор за лажен тенк“, тврди тој.
Според него, мамките чинат меѓу 10.000 и 100.000 долари, помалку од вредноста на проектилот потребен за нивно уништување.