Речиси 40 години откако три од нејзините деца биле насилно одземени од неа во Чиле, Тересита Падиља повторно прегрна две од нив во земјата каде што се родени.
Соединувањето е најновата победа за активистите кои користат ДНК-тестирање и педантно барање документи за да откријат илјадници кражби на деца и нерегуларни посвојувања за време на диктатурата на Аугусто Пиноче. Властите проценуваат дека дури 20.000 деца биле насилно одземени од нивните родители од страна на воената хунта.
Синовите на Падиља, Тим Ролник (41) и Тревис Мардок (37), патуваа од Мериленд до Чиле за повторното обединување. Братот близнак на Мардок не можел да оди со нив поради тешки повреди од сообраќајна несреќа во 2013 година.
Четвртиот и најстар син Алберто, кој останал со својата мајка во Чиле, ја водел потрагата по своите браќа, но починал пред да може да ги сретне.
Шеесет и шестгодишната Падиља се присети како ги изгубила своите деца кога била млада и ранлива.
„Прво го зедоа Тим. Тој беше само ситно бебе. Го зедоа затоа што бев сосема сама. Подоцна ги добив близнаците, па ги зедоа и нив“, рече таа.
Генеалошкото истражување и ДНК-тестирањето го овозможија повторното обединување со помош на организацијата „Nos Buscamos“ со седиште во Сантијаго, дел од поширокиот напор на активистите и роднините за поврзување на семејствата разделени од скандалозните посвојувања во Чиле, што беше едно од многуте злоупотреби на човековите права за време на диктатурата на Пиноче од 1973 до 1990 година.



