ДЕЈВИД ЛИНЧ ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ ИНСПИРИРАЛ ЗА КУЛТНА СЦЕНА ОД „ТВИН ПИКС“

    ДЕЈВИД ЛИНЧ ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ ИНСПИРИРАЛ ЗА КУЛТНА СЦЕНА ОД „ТВИН ПИКС“Осмата епизода завршува со црно-бел кадар со девојка, на која од уста ѝ излегува чудно суштество со изглед на жаба и молец

    Дејвид Линч речиси никогаш не го открива значењето на симболиката на своите режисерски избори, но во својата најнова книга „Соба за сонување“ ја посочи и Македонија како инспирација за незаборавна сцена од најновата серија „Твин Пикс“.

    Осмата епизода, што сајтот „Индиваер“ ја прогласи за најдобра телевизиска програма за 2017 година, завршува со црно-бел кадар со девојка, на која од уста ѝ излегува чудно суштество со изглед на жаба и молец. Линч вели дека инспирација за тоа добил додека патувал со воз низ Европа, кога поминал и низ Македонија.

    Тој патувал со Ориент-Експрес од Атина за Париз, а кога возот на кратко застанал во Гевгелија, забележал како неколку патници се упатуваат кон исто место, па решил да ги следи.

    „Тие одеа кон слабо осветлените тезги, кадешто се продаваа сите тие разнобојни пијалоци – виолетови, зелени, жолти, сини, црвени, но тоа, всушност, беше обична шеќерна вода. Кога излегов од возот, стапнав на мека прашина, а кога задува, од земјата почнаа да скокаат огромни молци налик на жаби. Тие летаа и одеа нагоре-надолу. Оттука идејата за овие молци-жаби во светот на Твин Пикс“, напиша Линч во книгата.

    Тој вели дека повторно се потсетил на сцената од Македонија додека ја пишувал осмата епизода од серијата.

    Книгата „Соба за сонување“ ќе се најде во продажба од 19 јуни.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира