ДЕЦА, НЕ МИСЛЕФМЕ ШО МОЈТ ДА НИ СЕ ДЕСИТ, ГОЛЕМА ДАЛЕЧИНА – ПРВИТЕ ОХРИДСКИ МАРАТОНЦИ ПЛИВАЛЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА 20. ВЕК

    ДЕЦА, НЕ МИСЛЕФМЕ ШО МОЈТ ДА НИ СЕ ДЕСИТ, ГОЛЕМА ДАЛЕЧИНА – ПРВИТЕ ОХРИДСКИ МАРАТОНЦИ ПЛИВАЛЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА 20. ВЕКВо Охридското Езеро се пливало на долги патеки во 1930-те години но не во иста форма како во современото маратонско пливање; - Од Охридкиот маратон во 2017. (Фото: СДК.МК)

    Маратонското пливање во Охридското Езеро се појавило во 1930-те години, но не во современата форма. Од 1992, меѓународниот Охридски пливачки маратон се одржува секое лето во Охридското Езеро, на патеката „Климе Савин“ долга 30 км, од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште.

    Хроничарот на Охрид и новинар Илија Стојаноски го забележал кажувањето на Крум Групчев, роден 1918, кој вели дека со негов другар како млади момчиња пливале на патеката од околу 7 км од Градското пристаниште до Свети Стефан.

    „A шо ми е останато во сешчање. Можам да кажам дека јас и Насте Црнион можда сме првите маратонци во Охрид зш први пливавфме до Свети Стефан, толку далеку никој не беше ојден со пливање то време. По пат ко пливафме, не пресретна Крум Точко и билим ни фрли круши војзеро, ги изедофме и продолжифме кун Свети Стефан. Тамо не најде Љамбе Матјан, имаше нивје и не опитвит: ‘Абре деца, од к’ј пливате?’. ‘Од Охрид’, му велиме задишани. Да не колнит Господ, да се врашчате пак по вода. И така пешки се вратифме, ама од кукулено од пристанишче, се фрлифме и пак до Топењчаровци со пливање си дојдофме. Деца, не мислефме шо мојт да ни се десит, голема далечина, сега сум стар и ми се чинит животот толку бргу помина, како ветер“, ги забележал Стојаноски зборовите на Крум Групчев.

    Хроничарот на Охрид и новинар Илија Стојаноски го забележал кажувањето на Крум Групчев, роден 1918, кој вели дека со негов другар како млади момчиња пливале на патеката од околу 7 км од Градското пристаниште до Свети Стефан; – Архивска фотографија од местото каде минувал од патеката . (Фото Фејсбук – Охрид слики од минатото)

    Нико Нестор е победникот на првата официјална трка на долга патека, на релацијата Горица–Охрид во должина од 2,5 км, одржана во 1954 со учество на 8 пливачи. Следните трки се во 1956 и 1957, а победиле Дики Бојаџи и Ѓоко Чудов. На овие две трки се натпреварувале и жени, а победиле Снеже Групчева и Соња Думбалоска.

    Првиот вистински маратон се одржал во 1962 на патеката Пештани-Струга-Охрид во должина од 36 км и победил Абу Хеиф од Египет, втор бил Вилјам де Вренг од Холандија, а трет Дики Бојаџи од Македонија. Во женска конкуренција победила Атина Бојаџи од Македонија, инаку сестра на Дики Бојаџи. Маратонот продолжил да се одржува до 1966, со исклучок на 1963 поради земјотресот во Скопје. Од 1992 се одржува секоја година на патеката „Климе Савин“, а покровител е претседатеот на државата. Од 1998 е дел од Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА).

    Годинава, 34. издание на Охридскиот маратон беше одложено поради коронакризата, а следното издание е закажано за 21 август 2020; – Од трката во 2016. (Фото: СДК.МК)

    Рекордер со најмногу победи, 11 од 20 трки, во машка конкуренција е е бугарскиот пливач Петар Стојчев, а во женска е Едит ван Дајк од Холандија, која победила 4 пати од кои 3 пати едноподруго.

    Годинава, 34. издание на Охридскиот маратон беше одложено поради коронакризата, а следното издание е закажано за 21 август 2020.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира