ИДЕЈАТА ЗА МУЗЕЈ ВО СОЛУН ЈА УКРАДОВМЕ ОД МСУ, РЕЧЕ ЈАНИС БУТАРИС НА ПРВАТА ИЗЛОЖБА НА ГРЧКИОТ МОМУС ВО СКОПЈЕ

    ИДЕЈАТА ЗА МУЗЕЈ ВО СОЛУН ЈА УКРАДОВМЕ ОД МСУ, РЕЧЕ ЈАНИС БУТАРИС НА ПРВАТА ИЗЛОЖБА НА ГРЧКИОТ МОМУС ВО СКОПЈЕ„Ние сме на иста линија со вашиот музеј, дека е време за соработа, поблиска соработка и поискрена соработка. Имаме многу повеќе да споделиме од тоа што ни е заедничко“ , вели кураторката на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика“ Сираго Цијара. - Цијара со претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета и скопскиот градоначалник Петре Шилегов на отворањето на изложбата. (Фото: К. Попов)

    Околу 50 фотографии, слики, видеа и инсталации на поголем број грчки уметници содржи изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика“ на грчкиот Музеј на современа уметност МОМус од Солун, кој за првпат во историјата изложува свои дела во македонскиот Музеј на современа уметност (МСУ). Изложбата се отвори синоќа во полните салони во присуство на државниот врв, како и на поранешниот солунски градоначалник Јанис Бутарис.

    Бутарис, говорејќи на отворањето, кажа дека првпат во Скопје дошол во 1990-те на средба со претседателот Киро Глигоров и тогаш првпат влегол во МСУ и разбрал дека музејот е изграден како солидарност на уметниците од светот по катастрофалниот земјотерес во Скопје 1963.

    „Со еден мој покоен пријател решивме да ја ‘украдеме’ идејата за солидарност на уметниците и да отвориме таков музеј и во Солун, посветен на земјотресот во 1978. Музејот растеше, и со донации на колекции, меѓу кои и најгоклемата колекција на руската авангарда – Костакис колецијата“, рече Бутарис.

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов со поранешниот градоначалник на Солун Јанис Бутарис, кој важи за голем пријател на македонските политичари, и претседателот Стево Пендаровски (Фото: K. Попов)

    Во Скопје е дојдена голема делегација од грчкиот музеј, меѓу кои и кураторката Сираго Цијара, која за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека оваа поставка е специјално подготвена за тука.  Скопската изложба следи откако во јуни во МОМус беше отворена изложбата на МСУ „Сѐ што ни е заедничко“ со 14 уметници. Цијаро вели дека изложбата на МСУ во текот на летниот период била одлично примена од публиката.

    Изложбата содржи околу 50 фотографии, слики, видеа и инсталации од 16 автори (Фото: К. Попов)

    „Ова е историски чин за двете земји и прв ваков исчекор, МОМус од Солун да изложи значајни дела од својата разнолика и богата колекција во МСУ Скопје“, вели директорката на МСУ Мира Гаќина.

    Цијара рече дека изложбата во Скопје е врзана со нивниот интерес за експерименталната уметност и дека во нивниот музеј многу дискутираат за прашањата за идентитет, за сеќавања, за јавното мислење, за родовите.
    Таа го развила тој концепт после разговорите со МСУ, кога се договарале што ќе биде интересно за нив да го прикажат во Скопје. Сметала дека треба да се разработи таа идеја дека секоја личност е оформена според религијата, етничка припадност, семејството, родот и социјалниот статус, секако.

    Бутарис рече дека идејата да го формираат МОМус дошла откако разбрале дека МСУ е изграден во знак на солидарност на светските уметници по скопскиот земјотрес од 1963 – Со директорката на МСУ Мира Гаќина на синоќешното отворање на изложбата (Фото: К. Попов)

    „Тие се параметрите преку кои ја создаваме сликата за нас. Но, изминативе години, се случија промени. Многу од луѓето се идентификуваат себеси преку нивната слика на Интернет или на социјалните медиуми. Тие создаваат слика и потоа тие сакаат да бидат таа слика. Се обидуваат да го симулираат тој прототип. Си реков, што се смени во оваа дигитална култура, за сликата на Интернет, сликата на социјалните медиуми, да стане некој нов вид на религија. Како што е религијата на Православната црква, дека човекот треба да се огледува на Господ, ние ги ставаме нашите слики на Фејбсук, ги корегираме и изгледаме поубави, позгодни, и се обидуваме да бидеме исто како таа слика. Сум читала психолошки истражувања дека некои млади луѓе доживуваат траума и психолошки проблеми бидејќи нивната вистинска слика не е како сликата на Фејсбук. Си реков зошто да не ја преиспитаме таа идеја: како се создаваме себеси и како да ги погледнеме параметрите на дигиталната култура, освен под влијание на другите работи кои се исто така важни, како семејство, култура, земја, род и религија, сексуалност. Ова е нешто што веќе го работат уметниците. На пример, тие ги трансформираат сите слики дигитално“, ни рече кураторката.

    Цијара рече дека изложбата во Скопје е врзана со нивниот интерес за експерименталната уметност и дека во нивниот музеј многу дискутираат за прашањата за идентитет, за сеќавања, за јавното мислење, за родовите (Фото: К. Попов)

    Затоа, додава таа, на изложбата има дела од уметници не само од Грција, туку и од Англија, Германија, Србија и Франција, кои „сакаат нам да ни го покажат начинот како се осоздаваат денес идентитети преку нивните слики“.

    Со Цијара поразговаравме и за тоа во кој ликовен медиум се најзабележителни промени од дигиталната ера, а таа вели дека не би правела дискриминација, бидејќи полесно и почесто се забележува во фотографијата, затоа што тие уметници ја имаат целата потребна опрема и технологија за да ја формулираат сликата и да ја трансформираат.

    „Гледам дека почна со фотографијата и со веб-артот, но во последниве десе години сега стигна и до потрадиционалните уметности како сликањето и скулптурата“, кажа таа.

    Говорејќи за МОМус, Циjара рече дека не само еден музеј, туку е група на 5 музеи, откако лани во Солун направиле платформа за унификација.

    „Имаме четири музеи во Солун и еден во Aтина: Музеј на модерна уметност – Kостакис колекција, Музеј на современа уметност, Државен музеј на современа уметност и Музеј на фотографија, како и Музеј за скулптура во Атина. Се обединивме и се обидуваме да организираме поголеми настани. Го подготвуваме седмото издание на Солунското биенале, кое ќе се отвори на 12 октомври на сите овие локации кои ги набројав“, вели Цураго и додава: „Ние сме на иста линија со вашиот музеј, дека е време за соработа, поблиска соработка и поискрена соработка. Имаме многу повеќе да споделиме од тоа што ни е заедничко“.

    Од отворањето на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика“ на грчкиот Музеј на современа уметност МОМус од Солун (Фото: К. Попов)

    Кураторката кажа дека соработката со МСУ ќе продолжи со летна школа која веќе почнале да ја организираат.

    „Таа е наша иницијатива и ќе се случува следното лето, ќе биде наменета за млади уметници и куратори, сакаме да размениме искуства. Сакаме да поканиме и истакнати уметници, и покрај размената на уметнички креации, да имаме и подобра соработка помеѓу луѓето кои ќе добијат можност да се вклучат во нови проекти“, рече таа.

    За вечерва, во МСУ во 19 часот е најавен перфромансот „Во сеќавање на моите капиталистички љубовници“ на уметникот Томас Дијафас. Александрос Пломаритис ќе настапи во 20.15 часот со перформансот „Сакај ме те молам“.

    Темата на изложбата е како се создаваме себеси низ параметрите на дигиталната култура (Фото: К. Попов)

    „Проектот насловен ‘Електронска музика и аналогни инструменти во дигитален свет’ го сочинуваат музичари и музички продуценти, кои се дел од курентната електронска и експериментална сцена во Солун. Станува збор за колективот ‘Ја скршив вазната’, кој настапува во 22 часот и Или & Тоцуко, кои ќе настапат во 23 часот. Станува збор за перформанси на амбиентален звук, импровизации и ефекти“, најавува МСУ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира