Вакцини кои напаѓаат рак би можеле да бидат достапни до крајот на деценијата, велат сопружниците Угур Шахин и Озлем Туречи. Тие се основачи на германската компанија „Бионтек“, која заедно со „Фајзер“ ја разви една од најделотворните вакцини против ковид-19.
Шахин и Туречи велат дека е постигнат напредок кој го подгрева оптимизмот дека вакцина против рак ќе биде развиена во следните години. Тоа би можело да се постигне со пренаменувањето на технологијата на информациона ДНК, врз која е заснована вакцината против ковид-19, така што имунолошкиот систем ќе ги напаѓа клетките на ракот место на коронавируси.
„Таа би можела да биде достапна за пациенти пред 2030 година. Пристапот од борбата против ковид-19 може да се примени и во барањето и уништувањето на клетките на ракот“, изјави Туречи за Би-Би-Си.
„Бионтек“ работел на вакви вакцини против рак пред да почне пандемијата на ковид-19 и вели дека неколку вакцини се во фаза на клиничко тестирање.
Германската фирма се надева дека ќе развие третман за рак на дебело црево, меланом и други видови рак, иако признава дека има значителни пречки на тој пат. Клетките на ракот можат да бидат обложени со широк спектар на протеини, поради што е многу тешко да се развие вакцина која ќе ги напаѓа сите клетки на ракот, а не и здрави ткива.
„Како научници, никогаш нема децидно да кажеме дека ќе имаме лек за рак. Имаме напредок и ќе продолжиме да работиме“, додаде Туречи.