Неколку дена откако мемоарите на принцот Хари по грешка предвреме се најдоа во продажба, серија ТВ-интервјуа со него вечерва ќе почнe да се емитува, што би можело да му нанесе дополнителни штетни удари на британското кралско семејство.
Книгата „Spare“ во четвртокот почна да се продава во Шпанија, пет дена пред нејзиното официјално објавување, што овозможи да се дознаат бројни сочни и контроверзни детали од животот на Хари.
Коментаторите сметаат дека ова го фрли кралското семејство во најголемата криза од разводот на Чарлс и Дијана во 1990-ите, а кралската аналитичарка и биографка на кралот Чарлс, Кетрин Мајер, смета дека некои „катастрофални“ наводи од книгата не смеат да бидат игнорирани.
„Можно е дека ова би можело да означи почеток на крајот на монархијата. Како да се избегнуваат основните прашања што Хари ги покрена во новата книга, документарецот на ‘Нетфликс‘ и претходно во интервјуто со Опра Винфри, а тоа се обвинувањата за расизам, мизогинија и насилништво во кралското семејство“, вели Мајер.
Бакингамската палата досега не ги коментираше тврдењата на Хари. Во пресрет на излегувањето на книгата, ќе се емитуваат три интервјуа со него.
„Не знам како молчењето може да ги направи работите подобри“, вели Хари во интервјуто за Ај-Ти-Ви, што прво ќе се емитува.