ДОДЕКА ВО ТЕТОВО СЕ ПУКАШЕ ВО 2001 НИЕ ПРАВЕВМЕ ГОЛЕМА МЕЃУНАРОДНА ИЗЛОЖБА – ОТВОРЕНО ТЕТОВСКОТО БИЕНАЛЕ НА МАЛА ГРАФИКА

    ДОДЕКА ВО ТЕТОВО СЕ ПУКАШЕ ВО 2001 НИЕ ПРАВЕВМЕ ГОЛЕМА МЕЃУНАРОДНА ИЗЛОЖБА – ОТВОРЕНО ТЕТОВСКОТО БИЕНАЛЕ НА МАЛА ГРАФИКАТемата на годинашново Меѓународно биенале на мала графика е „ Уметност денес – културно наследство утре” (Фото: СДК.МК)

    Тетово и оваа година, осми пат по ред, е домаќин на Меѓународното биенале на мала графика, ликовна изложба којa e меѓу најзначајните во Македонија. На неа редовно учествуваат најпознати графичари од десетици странски земји и од Македонија. И додека реномето од година во година расне, нејзините почетоци и не беа така лесни оти првата изложба се одржа во 2001, кога во Тетово се уште траеја пукотниците и тензиите предизвикани од конфликтот кој таа година ја зафати Македонија.

    „Идејата да направиме ваква изложба кај нас во Музејот на тетовскиот крај беше присутна од поодамна, но некако сѐ нешто нé попречуваше во реализацијата. Но кога во Тетово, во 2001,  изби воениот конфликтот и кога градот се најде во средиштето на борбите и пукотниците, кај нас како да се јави еден револт од ваквата ситуација и се јави желба на војната да ѝ се спротиставиме со уметност. Така, во сиот оној метеж кој тогаш владееше, ние почнавме да се подготвуваме за изложба. На наше големо воодушевување, на распишаниот конкурс се јавија над 200 учесници не само од Макдеонија туку и од многу земји од сите континенти. Тоа нé охрабри уште повеќе да се ангажираме во остварувањето на нашата идеја, што ни најмалку не беше лесно ако се знае дека и едно најобично одење до Скопје во тоа време беше крајно ризична работа“, се сеќава Велимир Цветановски, директор на Музејот на тетовскиот крај, кој е организатор и е директно вклучен во организацијата на сите 8 биеналиња.

    „Според правилата една графика останува, а некои автори ни оставаат и повеќе, па сега имаме една колекција од над околу 2.000 графики, меѓу нив и од светски познати графичари“, вели Цветановски.

    „Според правилата една графика останува, а некои автори ни оставаат и повеќе, па сега имаме една колекција од над околу 2.000 графики, меѓу нив и од светски познати графичари“, вели директорот Велимир Цветановски (Фото: СДК.МК)

    Во тое кризни моменти не било подвиг само да се организира една ваква голема ликовна манифестација, уште поголем подвиг било самото отварање на изложбата.

    „Отварањето на првата изложба нѝ беше закажано за 4-ти декември 2001, во фоајето на Домот на културата во Тетово. Иако во тој период престанаа поголемите конфликти во Тетовскиот Регион, Тетово ни од далеку не беше мирен град. Секоја вечер од разни страни се слушаа пукотници, луѓето ретко навечер се движеа по улиците, па затоа и отварањето на изложбата беше настан од голем ризик. Но и покрај тоа, фоајето на Домот на културата беше преполно со тетовци но и со неколку посетители од другите градови кои собраа храброст да дојдат во Тетово и да присуствуваат на еден ваков настан. Изложбата ја отвори тогашната министерка за култура Ганка Цветановска- Самоилова, а додека траеше отварањето околу Домот на културата беа распсредени припадници на специјалните единици со неколку оклопни возила. За среќа, целиот настан помина без никаков инцидент што за нас, организаторите, беше знак дека уметноста може да ја победи војната“, вели Цветаноски.

    Изложбата наиде на извонреден прием и кај домашната и кај светската ликовна јавност, а професорот и ликовен критичар Борис Петковски изложбата од 2001 година ја прогласил за ликовен  настан на годината во Македонија.

    Темата на годинашново меѓународно Биенале на мала графика е „ Уметност денес – културно наследство утре”. Претставени се 300 графики од 125 графичари од 33 земји од сите континенти. Повеќето од изложените дела се во класичните графички медиуми: сува игла, акватинта, мецотинта, линорез и линогравура, додека неколку автори создадоа и во дигитален печат.

    За годинашнава изложба историчарката на уметност Гордана Велков напиша: „Мотивот на графиките изобилува со суптилни препознатливи форми, фигурации и апстрактни претстави подредени на графичката вештина оплеменета со акценти на боја и прецизни смирени линии. Повеќето од графиките се излеваат од малиот стандардизиран правоаголен формат  и со неправилната мала форма повеќето од нив наликуваат на прекрасни експресивни илуминации“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира