ДОНЕР-ЌЕБАПОТ ВО ГЕРМАНИЈА ПОСКАПЕ ОД 3 НА 7 ЕВРА, КАНЦЕЛАРОТ ШОЛЦ НА ТИКТОК КАЖА ДЕКА ДРЖАВАТА НЕМА ДА ЈА НАМАЛИ ЦЕНАТА

    ДОНЕР-ЌЕБАПОТ ВО ГЕРМАНИЈА ПОСКАПЕ ОД 3 НА 7 ЕВРА, КАНЦЕЛАРОТ ШОЛЦ НА ТИКТОК КАЖА ДЕКА ДРЖАВАТА НЕМА ДА ЈА НАМАЛИ ЦЕНАТАДолго време донер-ќебапот, кој го измислија турски имигранти во Западен Берлин во 1970-тите, беше симбол на културното влијание на турската имиграција во Германија. (Фото: Гети)

    Околу два милиона донер-ќебапи, месо завиткано во леб и прелиено со сосови и зеленчук, се јадат дневно во Германија, што е доста голема бројка за популацијата од 80 милиони. Ќебапчилниците се наредени низ улиците на многу германски градови, особено во Берлин.

    Донер-ќебапот дури го замени и популарниот „каривурст“ – пржен телешки колбас прелиен со кечап и кари во прав како најпопуларно јадење за брза храна во земјата, според истражувањето од 2022. Долго време донер-ќебапот,  измислен од турски имигранти во Западен Берлин во 1970-тите, служеше како симбол на културното влијание на турската емиграција во Германија. Но, во последно време, бидејќи јадењето стана значително поскапо, ќебапот симболизира нешто друго: страв дека веќе не можеш да го купиш.

    „Јадев донер двапати неделно за време на паузата за ручек, но тоа веќе не е така. Сега скоро секогаш купувам нешто во супермаркет бидејќи е поевтино“, рече 16-годишен средношколец кој стоеше во ред за ќебап од 7,50 евра пред ресторан во берлинската населба Кројцберг, дом на многу вакви ресторани.

    „Сè уште се сеќавам кога донер-ќебапите се продаваа за 3.50 евра“, вели друг ученик, 15-годишник кој исто така бешево редот.

    Од 2016, цените на донер-ќебапите во Германија се зголемени за 75 отсто (во споредба со растот на вкупната инфлација од 24 отсто), според една студија заснована на прегледите на Гугл за рестораните за ќебапи. Зголемувањето беше особено нагло во изминатите две години, при што просечната цена се зголеми од 5 евра во 2022 на 7 евра во 2024.

    Со незадоволство поради поскапувањето на ќебапите особено реагира германската младина, што доведе до онлајн повици, честопати безобразни, политичките лидери да дејствуваат за да ги намалат цените.

    „Кога младите на видеата на ТикТок бараат: ‘Олаф, поевтини го ќебапот’, ова не е интернет шега, туку сериозен повик за помош“,  напиша Кети Гебел, член на извршниот комитет на партијата Левица.

    Според неа, државата треба да одреди максимална цена од 4,90 евра за донер-ќебап, што би значело субвенционирање на секој ќебап во износ од 3 евра, што ќе резултира со годишен трошок од 4 милијарди евра за државата врз основа на проценката дека во Германија годишно се трошат 1,3 милијарди донер-ќебапи.

    Повиците за намалување на цените станаа толку чести, што германскиот канцелар Олаф Шолц се почувствува должен да одговори на ТокТок.

    „Неверојатно е што насекаде, главно младите луѓе, ме прашуваат дали не треба да има кочница за цената на ќебапите. Нема да има ценовна кочница. Живееме во пазарна економија. Но, инфлацијата во Германија веќе паѓа и ќе продолжи да паѓа“, кажа Шолц.

    И економистите предупредуваат дека намалувањето на цената на донерот може да доведе до недостиг на ќебапи – несакан ефект што потенцијално може да создаде повеќе немири со оглед на важноста на уличната храна во германското општество.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира