ДВЕ ГОДИНИ СЕ ВЛЕЧЕ ИНИЦИЈАТИВА ШТИПСКОТО МЕДИЦИНСКОТО ШКОЛО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ДА СЕ ПРЕИМЕНУВА ПО ПРВАТА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВА

    ДВЕ ГОДИНИ СЕ ВЛЕЧЕ ИНИЦИЈАТИВА ШТИПСКОТО МЕДИЦИНСКОТО ШКОЛО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ДА СЕ ПРЕИМЕНУВА ПО ПРВАТА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВАПоради некоординираност на инцијаторите и градските власти, никако да се реализира долгодишната иницијатива за преименување на штипското средно медицинско училиште „Јане Сандански“ во „Славјанка Влачева“, првата школувана медицинска сестра во Македонија по чија програма се формирале повеќе средни училишта во Македонија; - Штипјанката Славјанка Влахчева е во средината меѓу пациентите. (Фото: Архивска фотографија)

    Пред две години, во пресрет на Светскиот ден на здравјето 7 Aприл, неколку медицински работници од Штип покренаа иницијатива за преименување на Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во „Славјанка Влахчева“, според првата медицинска сестра која како основоположник на сестринството во Македонија многумина ја нарекуваа македонска Флоренс Најтингејл. Главен иницијатор за ова преименување беше штипската публицистка Елена Јосимовска, која долги години работеше и пишуваше за здравството, а продолжи  со публицистичката дејност и по пензионирањето.

    Но иницијативата се влече две години, поради некоординираност на инцијаторите и градските власти за конкретна акција за реализација.

    „Тогаш реков, но и сега ќе нагласам, секој респект за големиот македонскиот револционер Јане Сандански чие име го носи и Штипската касарна што и доликува, но ептен прилега средното медицинско училиште да го носи името на првата школувана медицинска сестра во Македонија, штипјанката Славјанка Влахчева“, вели Јосимовска.

    Таа додава дека барања за преименување на средното медицинско училиште имало уште во првите години кога се отворило училиштето со име „Вељко Влаховиќ“, а подоцна преименувано во „Јане Сандански“, но сите досегашни власти го третирале барањето како мртво слово на хартија.

    „Немам информации дали ново раководство на медицинските сестри и акушерки во Штип од полани па наваму воопшто пратило такво барање до Општината“, вели Јосимовска која е претседателка на Македонската асоцијација за историја на медицината (МАИМ).

    Претседателот на Советот на Општина Штип Јане Миланов вели дека до него и до Советот досега не дошло такво барање.

    „Ако добиеме официјално ќе го разгледаме, а ако законот предвидува и нешто друго тогаш ќе бараме мислење и согласност и од Министерството за образовение, затоа што ќе се работи за преименување на име на училиште“, вели Миланов.

    Јосимовска дури предлага таа како претседателка на МАИМ да изготви образложение за значењето на Славјанка Влачхева и за нејзиниот огромен придонес во развојот на сестринството во Македонија, а за да има тежина официјално да биде поднесено од Регионалното здружение на новинарите. Раководството на ова здружение начелно ја прифаќа иницијативата, но сепак планира најпрвин да ги анкетира своите членови за едно такво барање.

    „Мислам дека колегите, членови на здружението сериозно ќе ја разгледаат иницијативата оти сме во време на криза со КОВИД-19 кога гледаме колку е важна улогата и ангажираноста на здравствените работници, посебно на медицинските сестри кои се најнепосредниот помагач на пациентите“, вели претседателот на Здружението Тони Михаилов.

    Според истражувањето на Јосимовска, Влахчева е родена 1900 година во Штип и била меѓу првите школувани медицински сестри на Балканот. Во Белград главни инструктори ѝ биле неколку медицински сеастри од Англија, кои биле пратени да обучуваат кадри на Балканот лично од Флоренс Најтингејл. По завршувањето на школувањето во Белград, Влахчева се вратила во родниот град каде веднаш се зафатила со работа во новоформираниот маларичен стационар и се борела за искоренување на оваа заразна болест која била мошне проширена. Во тоа време ја формирала и првата патронажна служба и ја спровела Бе-Се-Же вакцината.

    Неколку години подоцна се преселила во Скопје каде работела во антитуберкулозниот диспанзер, а веднаш потоа се посветила во искоренување на болеста во селото Љубанци. Иницирала основање училиште за медицински сестри во Скопје, а по формирањето станува и првата директорка. Потоа, развила програма за отворање на такви училишта и во поголемите градови во Македонија меѓу кои и средното медицинско училиште во Штип во 1956, кое денес работи како Регионално средно медицинско училиште. Починала како хуманитарка во 1988.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира