ЕДИНСТВЕНИОТ ЖИВ ЕВРЕИН РОДЕН ВО ШТИП СЕКОЈА ГОДИНА ВО МАРТ СЕ ВРАЌА ОД ИЗРАЕЛ, ВЕЛИ, МАКЕДОНИЈА МИ Е ВО СРЦЕТО

    ЕДИНСТВЕНИОТ ЖИВ ЕВРЕИН РОДЕН ВО ШТИП СЕКОЈА ГОДИНА ВО МАРТ СЕ ВРАЌА ОД ИЗРАЕЛ, ВЕЛИ, МАКЕДОНИЈА МИ Е ВО СРЦЕТОМитко Рубиса 50 години живееше во Штип, но пред неколку години се пресели во Израел со семејството и оттогаш редовно го посетува својот роден град (Фото: СДК.МК)

    Митко Моис Рубиса е единствениот жив Евреин кој е роден и со години живеел во Штип. Во Штип формирал семејство, сопругата му е Македонка, но по 50 години се преселиле во Тел Авив. Секоја година во март, тој се враќа во родната земја и секогаш вели дека Македонија и родниот Штип му се во срцето.

    Јоле, како што штипјани популарно го нарекуваат, доаѓа во Македонија најмалку еднаш годишно, за да се види со старите другари и пријатели и со роднините.

    Рубиса долги години живееше во штипско Ново Село. Цели 30 години, работел како електромеханичар во фабриката „Метална“ во Штип. Истовремено спортувал и бил член на боречкиот клуб „Балканец“, за што вели дека особено му било мило.

    „Дојде време да се оженам. Со мојата љубов Невенка (моминско Филева) добивме два сина, Моне и Павле. Во Штип учеа текстилно и земјоделско училиште. По отслужувањето на воениот рок во Македонија, поголемиот син доби студентски индекс во Хаифа. Мојата фабрика пропадна, а јас немав егзистенција. Сега и двајцата во Израел си оформија свои семејства, а ние со сопругата само им помагаме“, вели популарниот Јоле.

    Неговиот татко Моис ја избегнал депортацијата само поради тоа што претходно бил во војска во Белград, а потоа извесно време престојувал во Германија. Кога се случувал холокаустот, тој некако успеал да се врати во својот роден град и во нивната стара и разурната куќа, затекнал празни соби, часовник на ѕидот и една семејна фотографија.

    „Само таа слика му останала на татко ми кога се вратил во Штип, колку да се сеќава на своите најблиски: баба ми Стерина, дедо ми Давид, чичко ми Пепо и тетките Шана, Ана и Грација, кои завршиле во логорот Треблинка и не се вратија“, ни зборуваше Рубиса лани во Штип и најави дека ќе се обиде да дојде и оваа година за 11 март, кога се одбележува Денот на депортирањето на Евреите.

    Шела Алтерац, родена во Штип, при депортацијата била спасена од сестра ѝ во Призрен, каде што таа работела во италијанската воена болница (Фото: СДК.МК)

    Уште една Еврејка од Штип која го преживеала депортирањето се присетува на ужасот кога имала само девет години. Шела Алтерац го посети Штип пред три години, кога имаше 72 години.

    „Рано наутро војници со бајонети нè вадеа од нашите куќи. Не знаевме каде нè водат, а имавме време да земеме само по некое парталче во торба. Нè однесоа на железничката станица во Штип. Со кундаците нè товареа во вагоните. Се спасив во Призрен, каде на станица ја видов сестра ми, која работеше како болничарка за Италијанците. На италијанските војници им кажа дека сум блиска роднина и некако успеа да ме извлече“, раскажа Шела.

    Вкупно 551 штипски Евреин биле погубени во логорот Треблинка

    Од штипските Евреи, голготата и погибелта ги преживеале Леон Капуно, ветеринар кој по војната живеел во Загреб, берберинот Нисан Сион и Моша Сион, кои се преселиле во Израел и Моис Рубиса, кој бил познат бравар. Единствено тој останал да живее во градот под Исарот. Се оженил со убавата штипјанка Павлина Хаџијанева и ги добиле ќерката Анка и синот Митко, кој го доби името по дедото на неговата мајка.

    И двајцата во своите мемоари истакнуваат дека Евреите биле мошне почитувани и ценети од своите сограѓани. Тие биле познати трговци, занаетчии, професори, чесни и учени луѓе. Тие во Штип ја отвориле првата месарница, првата ќебапчилница, првата аптека и го формирале првото противпожарно друштво. Како трговци го држеле прометот со брашно, кожа и свила. Од Штип биле депортирани 551 Евреин и сите биле погубени во логорот Треблинка.

    Пред триесетина години, општината во старото еврејско маало во центарот на градот, каде сега се наоѓа Народниот музеј, подигна меморијален споменик на холокаустот во чест на депортираните штипски Евреи.

    Пред четири години, Општината изгради асфалтен пат до еврејските гробишта, а Музејот во Штип, заедно со Еврејската заедница, почна активности за нивни реставрација и уредување. Тогаш општинските власти најавија дека ќе биде изградена спомен куќа за Евреите во Ново Село.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари