Кралските палати во Тајланд ќе се чистат со „зелените машини“ кои се произведени во велешката компанија „Брако“, вели Иле Атанасов, директор на Одделот за камиони за чистење улици и медицински помагала. Еколошките машини веќе се користат за чистење на Бакингамската палата, плоштадот „Св. Петар“ во Ватикан, улиците на Сингапур и Тајм сквер во Њујорк.
„Грин машинс“ е една од најстарите компании за производство на правосмукалки. Основана е во Шкотска во 1964, а од пред три години почнува соработка со велешки „Брако“. „Зелените машини“ од 2017 целосно се произведуваат во Велес, а од 2019 е формиран нова фирма „Грин машинс Велес“ којa е сопственик на брендот со целосно откупени интелектуални права, патенти и целосниот концепт на знаење и изработка (know-how).
Атанасов вели дека годишно во „Брако“ се изработуваат по 200 машини.
„Имаме три модели на ‘зелени машини’, две работат на дизел погон, еден е електрично возило. Двата на дизел се 636 модел и механички свипер, а во моментов работиме на развој на возило на хидроген првo во Европа и нов механички свипер за одржување на хигиена на јавни улици“, вели тој.
Најголем дел од порачките се за странски пазар, како Амстердам, Париз, Рим, а денес добиле нарачка од Аргентина.
Атанасов вели дека имаат и одлична соработка со студентите од Машински факултет, во смисла на „нивно вклучување во процесот онаму каде што ние не постигнуваме“.
„Холивудските режисери го препознаа дизајнот и квалитетот и затоа решиле да ги вклучат во своите проекти. ‘Зелените машини’се појавуваат во сцени од филмовите ‘Војна на ѕвездите’ од 1999 и ‘Луѓе во црно’ 3 од 2012“, додаваат од „Брако“.
Б. НЕСТОРОСКА