Народната песна „Елено ќерко“ Раде Шербеџија (78) ѝ ја посвети на Фросина Кулакова, девојката од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин во Скопје и на нејзиното семејство. Хрватскиот актер со светска кариера одржа концерт сношти во Филхармонијата во организација на „Авалон“, а „Елено ќерко“ ја испеа во дует со актерката Јана Стојановска.
„Оваа песна е за девојката која загина Фросина и за нејзиното семејство“, рече Шербеџија.
Јана Стојановска е редовна гостинка на неговите скопски концерти поради блискоста на Шербеџија со нејзиното семејство.
„Јана е од мојата фамилија, ќерка на најпрекрасниот актер од овие простори, Ненад Стојановски“, рече Шербеџија.
Одличен дует имаа Стојановска и Шербеџија, пола на македонски, пола на хрватски, во песната „Кога ќе умре љубовта“ (Кад умре љубав), која тој претходно ја пееше со починатиот Кемал Монтено, а актерката со својот бенд ја испеа и „Не си го продавај Кољо чифликот“.
Расположен и во одлична пејачка форма, Шербеџија дел од концертот го помина меѓу публиката.
Во текот на целиот концерт тој им даваше поддршка на студентите од Нови Сад. Актерот во декември 2024 требаше да одржи концерт во сала во Бач во Војводина, а откако општинските власти во последен момент му го откажаа, тој настапи на отворено, во парк.
„На мојот син Данило му ја посветив песната ‘Не врти се сине’ (Ne okreći se sine) во 1989, кога наполни 18 години. Му кажав да учи да живее самостојно и да не се врти назад кон проблемите на генерацијата на негоиот татко. Истото им го порачувам и на денешниве студенти од Нови Сад“, кажа Шербеџија и додаде:
„Ех, што ќе се случеше ако Ѓорѓе Балашевиќ сега беше во Нови Сад“.
Се сети на сите негови пријатели кои веќе ги нема: Арсен Дедиќ, кој му пишуваше песни, Кемал Монтено, Балашевиќ и „мојот прекрасен Мето Јовановски“.
„И јас го играв Хамлет, но бев љубоморен затоа што тој беше подобар од мене“, рече Шербеџија.
За ќерката Нина кажа дека се родила во мај 1992 кога тој избегал во Словенија од војната во Хрватска, во времето кога бил на скијање.
„Таа Нина требаше да роди бебе завчера, но уште чекаме. А, другата ќерка Вања треба да се породи на 14 февруари. На почетокот на 1990-тите живеев како бегалец во Лондон. На мојата сопруга Ленка татко ѝ преку врски ѝ среди да биде културен аташе во амбасадата на Боливија во Лондон, таа нѐ прехрануваше. Тогаш дојде сценариото од младиот режисер Милчо Манчевски за филмот ‘Пред дождот’. Тој ми рече дека улогата ја напишал за мене. Другото е историја“, се сети Шербеџија и кажа дека душата му била полна кога го гледал фиlмот по 3о години во Скопје, во декември лани.
Шербеџија се сети и на неговиот прв концерт во Универалната сала, кога на Арсен Дедиќ и на Јосипа Лисац од старата гардероба им ги украле палтата, а неговата стара јакна ја оставиле. Легендарната „Не се давај Инес“ (Не дај се Инес), која е стара 51 година, ја изрецитира на крај и рече дека со радост пак ќе дојде во Скопје.
М. ЏАРОВСКА