ЕВРЕЈСКИ НЕВЕСТИНСКИ ФУСТАН И СВАДБЕНИ КОВЧЕЗИ СО МИРАЗ И ФОТОГРАФИИ НА ИЗЛОЖБАТА „МАЗЕЛ ТОВ“ ВО БИТОЛА

    ЕВРЕЈСКИ НЕВЕСТИНСКИ ФУСТАН И СВАДБЕНИ КОВЧЕЗИ СО МИРАЗ И ФОТОГРАФИИ НА ИЗЛОЖБАТА „МАЗЕЛ ТОВ“ ВО БИТОЛАНевестинскиот фустан е работен по дизајн на Јана Манева-Чупоска. / Поставени се изложбени паноа со фотографии од семејни свадбени церемонии на Евреи од Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Невестински фустан каков што некогаш носеле Еврејките пред депортацијата беше специјално искреиран за изложбата „Мазел тов“ – Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни низ фотографии, документи и предмети“, што деновиве се одржа во Битола. Се користеше брокат, маркизет, тул, тантела и сатенска лента. Моделот е со спуштени колкови и нагласена сaтенска лента. Покривката за главaта е изработена од тул украсен со тантела и е најкарактеристичниот моден детаљ на фустанот. Дизајнот го изработи проф. д-р Јана Манева-Чуповска, визуелен уметник и моден дизајнер, и претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Изработката на моделот е на Гордана Божиновска.

    Фустанот беше скроен и сошиен по старите фотографии, а се користеше брокат, маркизет, тул, тантела и сатенска лента. (Фото: СДК.МК)

    Беа поставени и 14 изложбени паноа со фотографии од семејни свадбени церемонии на Евреи од Македонија и оригинални документи како приказ на спецификите и уникатноста на свадбената церемонија. Меѓу нив и оригинален експонат кетуба или брачен договор, кој бил составен дел од свадбената церемонија и заедничкиот живот на младенците.

    На панота се најдоа фотографии од свадбите на семејството Калдерон од Битола од 1920 и 1925, свадбен портрет на една од сестрите на Моис Касорла пред 1940, венчавка на Бела Колономос и Моис Касорла во 1941, Алегра Франко и Жак Русо 1936, веселбата по венчавката на Израел Асса со Жулија Батињо во 1930 и други.

    Свадбен ковчег од Битола со миразот што го подготвувало семејството на невстата за да има што да однесе во новиот дом. (Фото: СДК.МК)

    „Сето тоа било прекинато во 1943. Последната венчавка е направена на 28 февруари во Скопје, а на 11 март биле депортирани за Треблинка. Го имаме и сведиштвото на Рахела Комфино која вели дека и во Монополот каде биле сместени Евреите од Битола, Скопје и Штип имало венчавка само за да се спаси еден живот. И тоа било убава приказна со среќен крај. Младите успеале да излезат, бидејќи добиле шпански пасош и се спасиле на тој начин“, вели м-р Жаклина Мучева, авторка на изложбата и раководителка на Секторот за едукација при Меморијалниот центар на холокаусотот на Евреите од Македонија.

    Името на изложбата „Мазел тов“, во превод од хебрејски значи „Среќно“. Беше збогатена и со свадбен ковчег од Битола со миразот што го подготвувало семејството на невстата за да има што да однесе во новиот дом. Составните елементи на изложбата се сопственост на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и првпат се вадат од депото на Меморијалниот центар.

     

    Жаклина Мучева е авторка на изложбата и раководителка на Секторот за едукација при Меморијалниот центар на холокаусотот на Евреите од Македонија. (Фото: СДК.МК)

    „Преку свадбената структура посетителите имаат можност да ги следат специфичните елементи што го градат етничкиот идентитет на овој народ и со тоа ќе го запознаат овој дел од нивната култура. Еврејската култура, односно обредите и обичаите кои ја отсликуваат традицијата се своевидни чувари на традицијата и идентитетот на Евреите од овие простори. Затоа, оваа изложба е одлична можност за враќање на еден изгубен културолошки идентитет“, вели Мучева.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира