Двојка од Финска победи на еден од најнеобичните натпревари во Велика Британија. Десетици луѓе учествуваа на Трката во носење сопруги, која се одржа по 17. пат.
Трката која потекнува од скандинавскиот регион бара од натпреварувачите да ги носат своите сопруги, сопрузи, партнери, пријатели или членови на семејството нагоре и надолу по рид во Доркинг.
Финците Тему и Јата беа прогласени за шампиони за 2026, освојувајќи буре локално пиво. Тркачите мораа да избегнуваат пречки, вклучувајќи купови сено, на патеката од 380 метри. Тие беа прскани од водени пиштоли и кофи од гледачите.
Учесниците можеа да ја носат својата сопруга како што сакаат, но многумина го избраа таканареченото естонско држење, каде што другата личност виси наопаку на грбот на тркачот со прекрстени нозе.
„Секако е хаотично“, рече Ијан Џајлс, директор на трките во Велика Британија пред натпреварот.
„Не сакам да ја фрлам девојка ми на глава“, рече претставникот од Велика Британија, Стјуарт Џонсон.
Тој кажа дека првиот пат кога тој и неговата партнерка Хати Кронин тренирале во локален парк, луѓето мислеле дека се луди. Кронин додаде дека Стјуарт ги пријавил за нивната прва трка пред да ја праша.
Мажите ги носат своите сопруги во традиционалната нордиска верзија, иако британската трка им дозволува на луѓето да носат секого, но се препорачува да тежат помалку од тркачот. Оние што се носат мора да тежат најмалку 50 кг, а секој што е под таа тежина може да носи ранец со брашно, вода или слично за да се достигне минимумот.
Натпревари во носење сопруги се одржале низ целиот свет, вклучително и во САД, Индија и Германија. Трката во Велика Британија започна во 2008.
МОЖЕ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА КАКО ДА ВЕЖБАТЕ НОСЕЊЕ НА УШКА НА НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ ВО СЕРИЈАТА „САКАМ ДА ВЕЖБАМ“




