ГАЛИЧНИК ОЧЕКУВА НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ПОСЕТИТЕЛИ ЗА ГАЛИЧКАТА СВАДБА НА 13 И 14 ЈУЛИ

    ГАЛИЧНИК ОЧЕКУВА НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ПОСЕТИТЕЛИ ЗА ГАЛИЧКАТА СВАДБА НА 13 И 14 ЈУЛИВо центарот на вниманието ќе бидат младоженецот Огнен Караѓозовски и галичката невеста Марина Петровска

    Четириесет и шестото издание на културно-сценската манифестација Галичка свадба ќе се одржи од 12 до 14 јули на падините на планината Бистра, кога се очекува неколку илјади посетители од земјава и странство да пристигнат во живописното село Галичник. Во центарот на вниманието ќе бидат галичката невеста Марина Петровска и младоженецот Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник.

    „И годинава, на најдобар можен начин ја продолжуваме вековната традиција на Мијаците, како дел од македонското културно богатство. Галичката свадба е светски позната и призната културна и туристичка манифестација. Тоа, како и сѐ поголемиот број посетители, за сите нас претставува дополнителен мотив да продолжиме да вложуваме максимални напори да ја одржиме и постојано да ја збогатуваме“, вели Александар Костиќ од организацискиот тим на месната заедница Галичник.

    „Пивара Скопје“, партнер на манифестацијата од нејзините почетоци, и оваа година обезбеди соодветно количество пијалаци од своето портфолио за сите учесници.

    „Горди сме што веќе 46 години сме неизоставен дел од оваа уникатна манифестација, која е огледало на нашите богата традиција и културно наследство. Им честитам на младенците и би сакал да наздравиме за нивните љубов, среќа и бериќет“, вели Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во „Пивара Скопје“.

    Покровител на годинашната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски.

    Почетокот на Галичката свадба ќе биде означен в сабота, на 13 јули, со поставување на свадбарското знаме и со симболичниот чин на „фрлање“ на три пушки од куќата на зетот. Венчавањето ќе се одржи в недела, во храмот Св. Апостол Петар и Павле во Галичник.

    Традиционално, свадбата го означува и почетокот на „Галичкото културно лето“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира