Голем број пилоти во Германија одбиваат да учествуваат во депортирањето на лицата на кои им е одбиено барањето за азил, јавуваат локални медиуми.
Владата објави дека 222 планирани летови биле стопирани од пилотите, кои не сакаат да бидат дел од „контроверзното депортирање на бегалците во Афганистан“, кој беше означен како сигурен за враќање, и покрај насилствата и репресиите што се случуваат во некои делови од земјата.
Околу 85 откажувања во периодот од јануари до септември оваа година биле од главниот германски авиопревозник „Луфтханза“, како и од „Еуровингс“.
Најголем број откажувања на вакви летови, околу 140, имало на аеродромот во Франкфурт, но често се случувале и во Диселдорф, каде што контроверзните депортации се проследени со протести од активисти.
И покрај депортациите, Германија останува најпосакуваната дестинација за бегалците и мигрантите во Европската Унија и таа примила повеќе барања за азил од сите преостанати 27 членки заедно.
Според Европската агенција за статистика Еуростат, Германија решавала за 388.201 барање за азил во првите шест месеци од 2017 година.