ГИ БАРАМ ЕЗЕРСКИТЕ САМОВИЛИ ВО ОХРИД, ВЕЛИ УМЕТНИЧКИОТ ФОТОГРАФ ПЕТАР БОЕВ

    ГИ БАРАМ ЕЗЕРСКИТЕ САМОВИЛИ ВО ОХРИД, ВЕЛИ УМЕТНИЧКИОТ ФОТОГРАФ ПЕТАР БОЕВУметничкиот фотограф Петар Боев вели дека најчесто фотографира пејзажни мотиви, а добро ги знае и старите охридски легенди за езерските самовили кои се негов предизвик

    Растев во еден град каде на секој чекор се сопнував со остатоците на историјата, вели охридскиот уметнички фотограф Петар Боев, кој со уметничка фотографија се занимава неколку децении и е хроничар на важните настани поврзани со Охрид. Фотографира најчесто пејзажни мотиви и мотиви од т. н. фајн-арт фотографија со подолга експозиција, особено кога оди на планинарење, како и мотиви од опкружувањето.

    Боев е член на фотоклубот „Охрид“ уште од крајот на 1990-те во групата фотографи-ентузијасти, како Владо Тунте, Атанас Талевски, д-р Лазар Коњановски, Димче Коруновски, Зоран Летра, Борче Чакаловски, Ѓоко Симјаноски, Љупчо Паункоски, Дарко Бошнакоски. Има повеќе заеднички и три самостојни фотографски изложби насловени „Звукот на светлината“. Дел од истата, во 2012 беше промовирана и во галерија во Лондон, во состав на фотографска изложба преку која се промовирале природните и културни вредности на Охрид.

    Тој добро ги знае и старите охридски легенди за езерските самовили кои се негов предизвик.

    „Фотографијата како медиум, ни ја дава можноста да видиме како се поврзуваат креативниот дух и надворешниот свет“, вели Боев

    „Растрчувањето по надезерските карпи на Лабино и Канео беше потрага по езерските самовили со кои се среќаваа само рибарите при ноќниот риболов во чунови од охридската праисторија. Нуркањето во езерските води откриваше свет на космичка вегетација околу камења што се валкале низ еоните на езерското постоење. Понекогаш, некаква фрекфенција ќе ни ги поттикне чувствата кои ќе нѐ натераат да го изнесеме нашиот внатрешен креативен дух и се поврзуваме, некако, со надворешниот свет. Фотографијата како медиум, всушност ни ја дава таа можност, и ние тогаш можеме да видиме дека двете нешта се испреплетени, споени во едно, дека набљудувачот е нераскинлив дел од виденото“, вели Боев.

    Тој му оддава признание на познатиот охридски архитект Борис Чипан и вели дека додека читал негов текст, добил одговор на важно прашање во животот што го детерминирал неговиот избор и работата со фотографијата.

    „Навистина се согласувам со познатата порака дека фотографијата е ‘една слика -илјада зборови’ , но да се создаде едно врвно фотографско дело е голема и исклучително искуствена работа“, вели Боев

    „Вовлекувањето во дупките од тврдинските бедеми над моето основно училиште, не беше само детска љубопитност, туку желба за сретнување со непознатото и таинственото. Искачувањето по кулите на Горни Сарај, во чии пукнатини се роеја чавки и врапчиња, имаше вкус на авантура со воини од сказните. Верувам дека тука е скриен поттикот на мојата љубов кон фотографијата, за да можам барем некако да го овековечам исклучителното природно и културно наследство“, вели Боев.

    Тој многу научил за фотографијата и од познатиот француски фотограф Ги Фоулон со кога често се среќавал во неговиот дом во Охрид.

    „Мислам дека е многу важно за кој било поединец во својата сфера на работа и креирање, во овој случај фотографијата, да има барем мал увид во работата и делата на веќе докажаните и признаени уметници кои ќе бидат еден вид насока за поставување минимални критериуми во идните креирања и творби. Секој има свој стил на работа, но во уметноста сметам дека секогаш постои простор за натамошно учење“, додава тој.

    Боев е член на фотоклубот „Охрид“ уште од крајот на 1990-те години 

    Тој инспирација добил и од безвременскиот писател Ернест Хемингвеј.

    „Фотографијата дава огромни можности, односно можеме да кажеме дека ви дава ‘повеќе со помалку’. Фотографијата буквално значи ‘пишување со светлина’. И фотографите, како писателите, се економични со нивниот занает. Ќе цитирам една мисла од Хемингвеј: ‘Напиши ја целата приказна, извлечи ги сите добри зборови и види дали уште функционира’. Толку е голема и вредна фотографијата. И навистина се согласувам со познатата порака дека фотографијата е ‘една слика – илјада зборови’ , но да се создаде едно врвно фотографско дело е голема и исклучително искуствена работа“, вели Боев.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира