Над 50 постери за референдумите во Швајцарија од 1918 до денес, кои се дел од водечки швајцарски музеј за дизајн и визуелна комуникација Музејот за дизајн во Цирих, се изложени во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Станува збор за постери кои се врежани во колективната меморија на Швајцарија и станаа икони на швајцарската историја на постери. Постерите се дел од изложбата „Гласови и гласање“, со која стартува проектот „Поддршка за изборните реформи во Северна Македонија“ поддржан од Швајцарија кој ќе трае десет години.
И „Гласови и гласање“, заедно со изложбата „Грабење во просторот“ на Глигор Стефанов, од 12 часот ќе биде достапна на денешното матине во МСУ со модерен џез, свежо овошје и разладено вино.
„Граѓаните се највисокиот политички авторитет во сите демократски системи, но еднакво е важно и да имаат инструменти кои им овозможуваат да ја применуваат таа демократска моќ. Оваа изложба се случува во мошне интересен момент за Северна Македонија, кога се одвива нов циклус дебати за изборните реформи. Во следните 10 години, ќе работиме кон остварување подемократски и поверодостојни изборни процеси, кои ќе вклучат бројни државни институции, политички партии, граѓанското општество и гласачите“, рече амбасадорката Сибил Зутер на отворањето на изложбата, додавајќи оти проектот доби целосна поддршка од Владата.
Според Бетина Рихтер, кураторка на изложбата на Музејот од Цирих, постерите од швајцарските кампањи од 1918 до денес ги придружуваат референдумите како централен инструмент на директната демократија.
„Околу половина од сите референдуми на светско ниво се одржуваат во Швајцарија, а оттаму се и важен елемент на еден складен политички систем уште од формирањето на сојузната држава во 1848 . Постојано актуелните прашање ги возбудуваат луѓето и доведуваат до жестоки идеолошки борби. Доказ за ваквите спорови се постерите од кампањите со кои се прави обид да се влијае на јавното мислење уште од почетокот на 20. век. Клишеа, претерани поедноставувања, репертоар на драстични мотиви и слогани што лесно се памтат кореспондираат на законите на медиумите, чија цел е директна манипулација со масите“, вели Рихтер.
Изложбата, која ја организира Амбасадата на Швајцарија во соработка со МСУ, ќе трае до 12 август. Проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ е на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и нејзиниот партнер Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), а е одговор на новите приоритети и настани во политичката и изборната арена, со поддршка на напорите на земјата кон евро-атланските интеграции.
Слики на непријателот
Весели полемички дизајни кои не сакаат да ги поштедат политичките противници доминират на постерите од швајцарските кампањи во првата половина на 20. век. Клеветата била широко распространета во тоа време. Кај десните конзервативни сили, црвениот џин останал присутен до доцните 1950-ти. Секој владин напор да ја регулирра сопственоста на имотот бил жигосуван како болшевичка опасност. Црвена глава со долг нос или црвена канџа биле доволни да ја означат општата опасност. Од друга страна, подеднакво стереотипно, изобличената фигура на капиталист со голем стомак и шапка и денеска се среќава на постерите.
Во 1918, Хухо Лауби ги обединува двете фигури, огромен пролетер со црвени панталони и капиталист нацртан како голема вреќа со пари. Меѓутоа, неговиот постер бил забранет во повеќето градови.
Играјќи на картата на „чувства“ се фокусираат главно на емоционализацијата, а не толку на разумното просветлување. Мигрантите окарактеризрирани како криминалци дојдени од надвор и како црни овци, се темите кои постојано се користат за нагласување на сериозната закана по швајцарското единство и просперитет.
Зголемување
Прикажувањето на секојдневни предмети зголемени повеќепати дава чувство на закана и драма. Природната перспектива и пропорции се нарушени, а луѓето се претворени во играчки за уредите што тие ги креирале. Овој ефект е дополнително зајакнат кога клешти, метли и ножици ги движат видливи или невидливи раце. Анонимна моќ, којашто избегнува разумно разбирање и шири страв и терор, се чини дека оперира во позадината. Оваа аргументативна стратегија се применува на постерите од швајцарските кампањи коишто усвојуваат емоционализирани технкики за зголемување. Постерот на Доналд Брун со џиновска цуцла-лажалка фунционира на ист начин. Неговиот објективен реализам е посветен на базелскиот стил на постери. Офрлувајќи го претставувањето на жените, Брун покажува до што би довело учеството на жените во политиката: запоставени деца.
Простори на живеење – Животни сништа
Изразувањето на јавното мислење за концептите на урбано планирање, изградбата на патишта и мостови и сочувувањето или уништувањето на културните локалитети порасна на општинско и кантонално ниво после 1950. Од 1980-те сѐ повеќе се засилија тензиите меѓу претставниците и заштитиниците на високата култура од една страна и застапниците на алтернативни културни центри на друга. Уште во раните 1970-ти години век широко распространетите промени беа очигледни кај голем сегмент од населението. Овие промени се однесуваа на сообраќајот и автомобилите, градењето патишта, како и изградбата и користењето на нуклерани централи. Иако нашироко оправдувана веднаш после Втората светска војна како незаменлива за обезбедување електрична енергија во иднината, опасноста од нуклеарната енергија сѐ повеќе беше во фокусот на интересот, а резултираше со иницијатива за нуклеарна заштита која во 1979 беше одбиена со тесно мнозинство.
Господа и дами
Низ годините, постерите од кампањите во Швајцарија исто така се суптилен сведок на општествено-политичките промени. Ова се гледа и во родовите слики. До доцните 1940-ти родовите улоги сѐ уште се јасно поделени: мажот е прикажан како работен човек, глава на семејствотото, додека жената се грижи за домот и воспитувањето на децата.
Жените добија право на глас во Швајцарија по референдумот во февруари 1971, а во 1990 и последниот кантон дозволи жените да имаат право да гласаат за локални прашања.
Дора Хаут- Трахслер, една од малкуте жени-дизајнери на постери, во 1924 молела мажите да имаат повеќе слободно време за да можат да се посветат на својата улога на татко. Во 1920, таа исто така водела кампања и за правото на глас на жените. Но, сликата на самоуверената убавица на нејзиниот фотографски портрет на постерите од 1946 и повторно во 1960 за да го промовира правото на жените на глас претставува нова и современа слика за жената. Постерот од една понова кампања, на која се прикажани андрогени млади луѓе, илустрира дека, барем во западното општетство, на традиционалните родови улоги денеска се гледа главно како на нешто застарено.
Стриповски стил
Односот меѓу стриповите и графиката на постерите има своја историја. Околу 1970, постери во стил на стрип започнаа да се појавуваат на улиците на Женева. Изненадувајќи ги гледачите, тие даваа автентичност на духот на живеењето на политичко-културниот протест во тоа време – на еден имагинативен, ѓаволест начин, а во исто време и со злобен хумор. Стриповските постери се бунтуваа против тесноградата политичка неутралност на стандардните постери за кампањите против пуристичката строгост на културните постери на Циришката школа и против баналноста на комерцијалните рекламни кампањи.
Б. НЕСТОРОСКА