„Заслужуваш добра работа“ е слоганот под кој неодамна беше лансирана www.thrivity.mk , иновативната алатка за пребарување (Search engine) за луѓето кои бараат работа и за компаниите кои вработуваат. Поликарп Арсеновски, основачот на „Тривити“, вели дека платформата го раздвижи домашниот пазар на труд во овој тежок период за економијата.
- Бизнисите се под силен удар на пандемијата на коронавирусот. Зошто стартапот „Тривити“ го почнавте токму сега?
„Глобалната економија денес е на колена и, за жал, морам да констатирам дека кризата допрва почнува, а тоа го покажуваат и проекциите на Светска банка и ММФ. Водењето бизнис денес и во иднина е над формулите на кризен менаџмент и сите ние ќе треба да се прилагодиме на ‘новото утре‘. И таков е нашиот пристап кон платформата ‘Тривити‘ која се подготвуваше две години, а требаше да го има своето јавно претставување во средина на март, кога кај нас започнаа мерките за превенција од вирусот. Ни требаа четири недели за да ја видоизмениме стратегијата за лансирање на продуктот и решивме да не одложуваме, бидејќи пазарот има потреба од неа. Основен поттик за старт на ‘Тривити‘ е можноста платформата позитивно да влијае на луѓето во овие услови кога, можеби, некои ќе останат без работа или нивните работни позиции ќе добијат или ќе бидат заменети со нови задолженија и одговорности. ‘Тривити‘ е вистинското место каде што луѓето ќе можат да размислат за својот професионален пат, да се подготват и креираат професионална биографија и да се постават видливо на берзата на труд, а ние да ги поддржиме во процесот на барање и наоѓање работа. Знам дека нема да биде лесно. Ќе мораме да научиме да носиме брзи одлуки, да бидеме прилагодливи и да се однесуваме скромно, но уверен сум дека тимот со кој работам ги има сите потребни способности да се носи со предизвиците кои се пред нас, а ‘Тривити‘ да претставува можност за нов професионален пат за сите“.
- Што прави и како работи пребарувачот „Тривити“?
„‘Тривити‘ е алатка која ефективно го решава проблемот на предселекција во процесот на барање и наоѓање работа. Станува збор за алатка за спојување на луѓето кои бараат работа и компаниите кои вработуваат, користејќи го моделот на бихевиорални компетенции потребни за секое работно место. Всушност, го менуваме начинот на барање работа каков што го знаеме денес. Како бараме работа денес? Прво, гледаме оглас, испраќаме CV и чекаме можеби да нѐ повикаат на интервју. ‘Тривити‘ го прави тоа за луѓето, ги препорачува лицата кои имаат креирано свој профил (своја професионална биографија) на компании кои имаат оглас за вработување, според нивното искуство и квалификации. Листата што ја добиваат компаниите е комплетно анонимна и компаниите не се во можност да ги видат личните податоци на кандидатот. Ако компанијата сака да пристапи на некои од предложените профили, испраќа барање за контакт, по што кандидатот има опција да го прифати или одбие барањето. Кандидатот ќе биде целосно видлив за компанијата само ако тој/таа го прифати барањето за контакт. Истовремено, кандидатот ќе има целосен увид во компанискиот профил“.
- Како ќе се презентираат лицата кои бараат работа, а како компаниите кои нудат работа на платформата?
Создавањето профил (професионална биографија) на ‘Тривити‘ е првиот чекор. Платформата е синергија на модерната технологија и на искуствата во областа на управување со човечки капитал. На тој начин создадовме форма за успешно претставување на луѓето на неа. Веќе почнавме со онлајн дружења – вебинари чии содржини овозможуваат знаења за подобро претставување пред идните работодавачи. Компаниите исто така креираат свој профил и, по потреба, подигнуваат оглас за вработување. Платформата согласно наведените специфичности од огласот пребарува и во реално време, односно веднаш на компаниите им предлага листа на потенцијални кандидати. Со ова значително се скратува времето кое досега беше потребно за предселекција. Компаниите добиваат листа на потенцијални кандидати според потребите наведени во огласот за вработување, што е уште една придобивка од платформата, зашто тие веќе немаат потреба од читање на CV-ја кои не кореспондираат со нивните барања“.
- Каква траекторија за развој има бизнис кој е почнат во услови на криза? Какви се вашите планови?
„Пристапот е фокусиран кон грижа за луѓето, луѓето и пак луѓето. Луѓето во нашата организација – грижа за нивното физичко и ментално здравје и професионален развој. Луѓето кои бараат работа – да им го приближиме ‘Тривити‘ и да работи за нив кога тоа им е потребно, како нивни агент и несебично да го споделиме нашето искуство и знаење. И луѓето кои ги водат организациите – да им понудиме извонреден сервис, да ги поддржиме во процесот на предселекција, а со тоа да придонесеме кон поголема продуктивност во нивното работење. А, нашиот развој го движиме внимателно, чекор по чекор, во согласност со нашето мото дека секој заслужува добра работа. Во подготовка се прирачникот за бихевиорални компетенции, ‘Прирачник за твој личен и професионален развој‘ и отворањето на ‘Тривити кариерниот центар‘, со цел да го споделиме нашето знаење со луѓето кои бараат работа или размислуваат за промена на работното место и нивен личен развој“.
- Според вашето долгогодишно искуство во мултинационални компании, кои се предусловите за одржување на бизнисот и успех во новата реалност што ја живееме?
„Вистината е дека никој не знае како дефинитивно ќе изгледа новото утре. Сведочиме на различни прилагодувања кои ги тестираме и не знаеме дали ќе функционираат. Но, мојот однос кон бизнисот се потпира на пет основни столбови: луѓето во организацијата, агилноста кон промени и креативност, паметно инвестирање и вложување со умерен ризик, можност за развој и проширување на нови пазари и самодисциплина и лична одговорност. Само од нас зависи колку брзо ќе научиме да живееме и создаваме во новата реалност со што помалку негативни последици. Затоа е битно да гледаме пред себе, на широк хоризонт и да бидеме иновативни“.