„ГО ЗЕМАМ ТВОЕТО ИМЕ КАКО МОЕ, А ТЕБЕ ТИ ПОДАРУВАМ БЕСМРТНОСТ“ – ЉУБОВНИТЕ ПИСМА НА КОЧО РАЦИН ДО РАЦА ПРВПАТ НА ИЗЛОЖБА ВО НУБ

    „ГО ЗЕМАМ ТВОЕТО ИМЕ КАКО МОЕ, А ТЕБЕ ТИ ПОДАРУВАМ БЕСМРТНОСТ“ – ЉУБОВНИТЕ ПИСМА НА КОЧО РАЦИН ДО РАЦА ПРВПАТ НА ИЗЛОЖБА ВО НУБЉубовните мисли на Коста Солев кон Рахилка Фирфова- Раца се напишани на дописни картички, во 1928 и 1929 година. Тој ги испраќал на нејзината адреса во Велес, но таа никогаш не му одговорила (Фото: К. Попов)

    Триесет и едно љубовно писмо од Кочо Рацин до Рахилка Фирфова- Раца, неколку напишани со негова крв, вечерва (20 часот) за првпат јавно ќе бидат претставени во фоајето на Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Реткото изложување на љубовните писма од Коста Солев, основоположникот на современата македонска литература, кон неговата муза Раца, е дел од настанот „Ноќна романса за Кочо Рацин“ со кој се одбележуваат 110 години од неговото раѓање и 75 години од смртта.

    Ќе се изложат сите 38 картички од Кочо Рацин, 31 посветени на Раца, а другите седум за неговите родители и пријатели (Фото: К. Попов)

    Љубовните мисли и намери се напишани на дописни картички, разгледници од 1920-тите години, кои биле дел од цела серија насловена „Руска галерија“. Ќе се изложат сите 38 картички, 31 посветени на Раца, а другите седум за неговите родители и пријатели. Картичките, кои се сведоци на едностраната и платонска врска меѓу Кочо и Раца, се дел од архивскиот фонд „К.Рацин“ на Архивот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

    Коста Солев, книжевен деец, комунистички активист, со проминентни размислувања и интереси за литературата, политиката, филозофијата и богомилството, својот псевдоним Рацин го добил по силно искажаната љубов кон Раца односно Рахилка Фирфова (1911-2000), девојка од богата градска фамилија. Тие живееле во истиот град, во Велес, но никогаш не се запознале.

    „Рацин важел за голем уживател на женско друштво, но емоциите кон Раца очигледно не само што го надвладеале туку и биле главна инспирација за неговиот поетски живот. И покрај тежината на искажаните зборови во картичките, Рахилка никогаш не стапила во комуникација со Коста. Таа останала имуна на неговите искрени изблици на емоција. Од друга страна пак, тој едноставно немал храброст да ѝ пријде. За маката на невозвратеното внимание од нејзина страна, сведочат и стиховите напишани со крв на дел од картичките. Не само што е трогателно како чин, туку е и доказ за неговиот фанатичен наплив на емоции и секако страста која тлеела во него. Стиховите изразени во дописните картички се всушност дел од стихозбирката ’Антологија на болката’“, велат од НУБ.

    Картичките се дел од архивскиот фонд „К.Рацин“ на Архивот на МАНУ (Фото: К. Попов)

    „Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе. Антологија на болката… и мое портрè ако побараш… капка крв од моето тело и душа – ја имаш веќе… Моето идно име – ме врзува засекогаш со тебе… прости ми или преколнувај – сеедно. А јас сè љубам, сè проштевам и сè заборавам. Едно жалам: Што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови… или барем нивната трага со мастило…“, е напишано на една од картичките.

    Поради тогашната општествено-политичка ситуација, стиховите се пишувани на српски јазик, а адресирани се до Рахилка Фирфовиќ, на тогашната адреса Франш Депере, бр. 3.

    Рацин живеел и творел во Белград, Софија и во Сплит и бил најпознат македонски интелектуалец и прогресивен мислител на просторите на бивша Југославија. Најмногу од картичките се напишани и испратени од Софија, а неколку се испратени од Сплит. Пишувани се во распон од две години, во 1928 и 1929.

    Една од картичките на која стиховите се испишани со крвта на Рацин (Фото: К. Попов)

    „Она што е важно да се напомене е дека дел од картичките иако се наменети за Рахилка, адресирани се до нејзината мајка Светлана, односно Цеца. Можеби, бидејќи не добивал никако одговор од Раца, се обидел да го привлече вниманието преку нејзината мајка, која пак внимателно ги складирала во просторот помеѓу две цигли во домашната куќа“, ни рекоа вработените од Библиотеката, кои ја организираа изложбата заедно со колегите од Архивот на МАНУ.

    На Јутјуб е достапен документарен филм од последното интервју на Рахилка Фирфова – Ѓоргова, од авторите Данчо Стефков и Стоилко Андреевски, во продукција на „Телевизија Здравкин 2001“. Во документарецот насловен „Музата на поетот“, Рахилка раскажува дека не се ни сеќава на Коста од училишните денови, и дека случајно забележале со другарките, враќајќи се од училиште, дека често со месеци стои на едно исто место.

    Стиховите изразени во дописните картички се всушност дел од стихозбирката „Антологија на болката“ (Фото: К. Попов)

    „Тоа траеше пет-шест месеци, а потоа почнаа да стигнуваат картичките. Мојата мајка, која беше неписмена, како ги примала од поштарот, ги редела на греда во тремот, каде си редела и други работи што ѝ доаѓале при рака. Кога зачестија, мајка ми ме викна, малку вознемирена: ’Ќерко кој ти е овој?’, па се потсмири кога ѝ кажав дека не го познавам. Сѐ им раскажав на другарките, и потоа почнавме, како се враќавме од училиште, да ги читаме картичките, па и сите наизуст ги научивме. Потоа едно време се проретчија, веројатно тогаш замина во Сплит. Картичките беа претежно црно-бели, имаше цела серија ’Руска галерија’, а потоа стигаа како разгледници од градовите каде живеел. Последната картичка ја добив во оваа куќа, во која сум мажена. Наоѓа сили да ми честита, но немаше никаков проблем во оваа куќа, не беше ништо тајно“, вели Раца во интервјуто.

    Поради тогашната општествено-политичка ситуација, пишувани се на српски јазик, а адресирани се до Рахилка Фирфовиќ, на тогашната адреса Франш Депере, бр. 3 (Фото: К. Попов)

    Таа, меѓу другото, раскажува дека картичките во училиштето во Велес ги однел нејзиниот син, кога учеле за Кочо Рацин, и оттогаш не ги добила назад. Потоа дознала дека биле и во Градскиот архив, но почнале извесни проблеми и Раца забранила јавно да бидат изложени. Потоа разбрала дека се во Музејот на Гимназијата, и по многу години, добила повик од МАНУ дека картичките се кај нив и ја повикале да ги види.

    „Не сметам дека неговата поезија е моја заслуга. Мислам дека е само голем наплив на негова енергија, толку голем да морал да излезе од неговата кожа“, скромно вели Фирфова-Ѓоргова на крајот на интервјуто.

    На вечерашниот перформанс дел од стиховите на картичките ќе ги чита актерот Дамјан Цветановски, ќе настапи Васко Атанасоски од „Бернајс пропаганда“ и ќе се прикаже документарниот филм „Бели мугри“, во организација на Кинотеката на Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира