ЃОРЃИ РИСТОСКИ СО ПАРАГЛАЈДЕР ЈА ПРЕЛЕТА МАКЕДОНИЈА – ПОЛЕТА ОД СКОПЈЕ, СЛЕТА КАЈ ОХРИД

    ЃОРЃИ РИСТОСКИ СО ПАРАГЛАЈДЕР ЈА ПРЕЛЕТА МАКЕДОНИЈА – ПОЛЕТА ОД СКОПЈЕ, СЛЕТА КАЈ ОХРИДЃорѓи Ристоски поминал повеќе од пет часа во воздух за да ја оствари својата цел

    Членот на скопскиот параглајдинг клуб Вертиго, Ѓорѓи Ристоски, успеа да ја прелета Македонија со параглајдер. Тој полета од највисоката точка на Водно во 12 часот, а слета кај Косел во 17.05 часот, на седум километри од Охрид. Летот траел пет часа и пет минути и за тоа време, прелетал 118 километри.

    Планирал да лета до Љубаништа, но поради слабата термика, бил принуден да слета пред да стигне до саканата цел. Тој е најмладиот параглајдерист во Македонија кој ја прелетал оваа релација, што досега им успеало само на уште двајца.

    Младиот Ристоски (26) станал пилот на параглајдер кога имал 18 години. Тој мошне емотивно говори како се одлучил на овој лет.

    „Сите ние од Скопје често патуваме со автомобил или автобус до Охрид. Во еден момент се запрашав дали може таа релација да се помине и со параглајдер. Долго бев опседнат со тоа. Неколкупати летав до Гостивар, за да ги испробам моите можности, термиката во тој дел на земјата, ветровите и однесувањето на параглајдерот. Набргу сфатив дека летот што сакам да го остварам може да се реализира. Бев сигурен во себе, во моето летало и во знаењето што го стекнав за термиката, ветровите и за струењата”, се присети Ристоски.

    Својот најдолг лет, Ристоски решил да го оствари на 21 април годинава.

    „За секој лет колку што е важно да имаш добар параглајдер, опрема и знаење, битно е и да ги анализираш метеоролошките услови. Со денови ги следев податоците на метеограмот за тој ден. Сè укажуваше дека ќе имам идеални услови: јака термика, поволен ветер и убаво време. Повеќе не се двоумев. Со еден мој пријател. кој ме следеше на летот до Гостивар, заминав на Водно и оттаму полетав точно во 12 часот. Зад мене, со параглајдер беше мојот другар. До Гостивар, летот беше според моите планови. Потоа се упатив кон Кичево. Се држев на просечна висина од околу 2.200 метри. Летот беше мирен. Кај Кичево има две високи планини. Тука има и опасни ветришта, кои можат да го приземјат параглајдерот поради надолните струења, од кои стравува секој параглајдерист. Забележав еден облак кумулус, се упатив кон него и во неговото подножје имаше убава термика. Така ги прелетав планините. Почувствував дека сум блиску до остварување на мојата цел, иако до неа има воздушна линија, сметано од Скопје, од околу 140 километри”, вели Ристоски.

    Почетната точка за Ристоски било Водно, а место во Љубаништа, морал да слета кај Косел

    Тој во воздух бил неколку часа кога ги прелетал планините кај Кичево.

    „Имаше поволен северен ветер, што ме носеше во правецот на Охрид. За мене беше добро што имаше и јака термика. Во одредени моменти, термиката или таканаречен воздушен балон ме подигнуваше и до десет метри во секунда. Во еден момент се најдов и на 3.100 метри, што беше најголемата висина што ја постигнав тој ден. Кон крајот на денот, кај Косел термиката згасна. Почнав да губам висина, а бев блиску до зацртаната цел, Љубаништа. Параглајдерот ја губеше аеродинамиката поради слабата термика. За пилотот во тие моменти е битно да реагира и да најде соодветно место каде ќе слета. Видов еден слободен чист дел кај Косел и тука се приземјив. Не стигнав до Љубаништа, но бев задоволен што сам остварив толку долг лет”.

    Ристоски има завршено Економски факултет и моментално во Словенија ги завршува магистериските студии за бизнис и информатика. Неговиот клуб Вертиго преку лето превезува гости и охриѓани кои имаат желба да летаат со параглајдер и неговата летна база е кај „Куба-Либре”.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари