ГОТЈЕ ЈА ОДРЖА ПРОШТАЛНАТА РЕВИЈА И ЈА ПОВИКА МОДНАТА ИНДУСТРИЈА ПОВЕЌЕ ДА РЕЦИКЛИРА

    ГОТЈЕ ЈА ОДРЖА ПРОШТАЛНАТА РЕВИЈА И ЈА ПОВИКА МОДНАТА ИНДУСТРИЈА ПОВЕЌЕ ДА РЕЦИКЛИРАГотје објави повлекување од модните писти по половина век кариера (Фото: Гети)

    Голем број славни личности се собраа на последната ревија на Жан-Пол Готје во Париз, со која тој го одбележа своето повлекување од модните писти по 50 години.

    Шеесет и седумгодишниот Готје во петокот го шокираше светот на модата кога објави дека оваа ревија ќе му биде последна и тој остана доследен на својот углед и ја претвори во голема забава, на која настапија Бој Џорџ и некои од најпознатите модели на денешнината.

    „Чувствувам толку многу љубов покрај сите овие модели кои дојдоа на моето шоу“, изјави Готје.

    Меѓу оние кои се прошетаа по пистата беа и ќерката на Мајкл Џексон, Парис, бившата прва дама на Франција Карла Бруни, победникот на Евровизија Кончита Вурст и Дита фон Тиз. На ревијата дојдоа и бившиот ментор на Готје, Пјер Карден, Кристијан Лакроа и Кристијан Лубутен.

    На отворањето на ревијата во парискиот театар Шателе, Готје ги повика присутните повеќе да рециклираат.

    „На мојата прва и на оваа последна ревија има креации направени од веќе носен џинс. Тоа е еден од најубавите материјали. Како и повеќето луѓе, и тој станува поубав како што станува постар“, кажа Готје, кој лани ја критикуваше модната индустрија дека прави премногу колекции со премногу парчиња облека.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари