Виенчанецот Аки Нуредини, родум од тетовското село Камењане, доби сребрен медал за заслуги на Градот Виена, а му го врачи градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, на свечена церемонија во Градското собрание. Нуредини е сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, омилено место на оперскиот џет-сет и на австриските политичари и дипломати.
Медалот го доби за неговиот огромен придонес во промоција на гастрономијата во Виена, како и за унапредување на односите меѓу Австрија и Македонија, па и пошироко, во областа на културата. На церемонијата присуствуваа бројни високи личности од политиката и културата, меѓу кои и амбасадорите на Македонија, Албанија и Косово. На приемот зборуваа градоначалникот на Виена Михаел Лудвиг и ректорот на Универзитетот за музика и уметност на Град Виена (МУК) и поранешен градски советник за култура, д-р Андрас Маилат-Покорни.
Во 2018, Нуредини беше одликуван со Златен медал и Златен крст на честа за служба во Австрија, највисоко призание што го доделува претседателот на оваа земја.
- ОПЕРСКИТЕ ЅВЕЗДИ ПЕЕЈА ЗА АКИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ВИЕНА И СОБРАА 180 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ДЕЦАТА БОЛНИ ОД РАК
Во ноември во 2023, над 20 музички уметници, повеќето оперски пејачи од светски ранг, собраа 180.000 евра, донации за виенската болница за деца болни од рак „Света Ана“. Концертот во престижната виенска Концертна сала го организираше Нуредини оје и оперски агент, по повод 40 години од неговиот ресторан „Соле“.
Нуредини во Виена е познат како неформален амбасадор на Македонија бидејќи неговиот ресторан е сврталиште на македонски политичари, бизнисмени, уметници и добронамерници кои го посетуваат австрискиот главен град.
„Соле’ не е ресторан, туку институција, интересен спој на култура и политика“, кажа Нуредини во Скопје во 2018 промоцијата на неговата книга „До ре ми фа СОЛЕ“, која се одржа во Операта, во рамките на Мајските оперски вечери.
Легендарниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго, кој ќе одржи концерт во Скопје на 14 март, беше во Скопје во 2017 за да го гледа Реал Мадрид како го освојува УЕФА Супер купот. Доминго тогаш му беше гостин на Нуредини, во неговиот дом во тетовското село Камењане.
М. ЏАРОВСКА