ОПЕРСКИТЕ ЅВЕЗДИ ПЕЕЈА ЗА АКИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ВИЕНА И СОБРАА 180 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ДЕЦАТА БОЛНИ ОД РАК

    ОПЕРСКИТЕ ЅВЕЗДИ ПЕЕЈА ЗА АКИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ВИЕНА И СОБРАА 180 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ДЕЦАТА БОЛНИ ОД РАКОперските ѕвезди за крај на концертот му приредија голема чест на Аки, кој се качи на сцената заедно со неговата сопруга Гибе, и ја испеаја „О, соле мио“ како „О, соле ностро“. (Фото: СДК.МК )

    Над 20 музички уметници, повеќето оперски пејачи од светски ранг, синоќа собраа 180.000 евра, донации за виенската болница за деца болни од рак „Света Ана“. Концертот во престижната виенска Концертна сала го организираше Аки Нуредини, по повод 40 години од неговиот ресторан „Соле“.

    Нуредини, родум од тетовското село Камењане, е сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, омилено место на оперскиот џет-сет и на австриските политичари и дипломати.

    Нуредини во Виена е познат како неформален амбасадор на Македонија бидејќи неговиот ресторан е сврталиште на македонски политичари, бизнисмени, уметници и добронамерници кои го посетуваат австрискиот главен град, или како што често вели самиот, „Соле“ не е ресторан, туку институција, интересен спој на култура и политика.

    „Соле“ важи за омиленото сврталиште на оперските ѕвезди од кои повеќето станаа блиски пријатели со семејството Нуредени.

    Руската оперска дива Ана Нетребко беше ѕвезда на вечерта. (Фото: СДК.МК)

     

    Оперските ѕвезди, меѓу кои Ана Нетребко, Ферлучо Фурлането, Михаел Шаде на синоќешниот концерт изведоа дела од композитори како Чајковски, Вагнер, Пучини, Шуман, Шуберт, Верди, Росини, Оскар Штраус.

    За крај, му приредија голема чест на Аки, кој се качи на сцената заедно со неговата сопруга Гибе, и ја испеаја славната наполитанска песна „О, соле мио“ како „О, соле ностро“. Ѕвездите, симболично во чест на концертот за деца, фрлија кадифени играчки во публиката, која броеше над 1.000 гости.

    Овој добротоворен концерт на Аки е традиоционален, со ист концепт беше пред 10 години, кога ресторанот „Соле“ славеше 30-годишен јубилеј.

    На Аки во 2018 му беа врачени Златен медал и Златен крст на честа за служба во Австрија, највисоко призание што го доделува претседателот на оваа земја, а во 2009 година беше прогласен за почесен граѓанин на Виена.

    Забавата со сите ѕвезди продолжи во уличката пред ресторанот на Аки, каде што покрај австриски и италијански вина, се служеа и македонски вина од „Тиквеш“.

    Г. МИХАЈЛОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира