Тимот студенти на насоката Гастрономија од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид освои еден куп медали на осумнаесетиот Меѓународен гастрономски натпревар во Истанбул, освојувајќи ја и Гран при наградата на ова престижно натпреварување. Покрај најважната награда, екипата освои и пет медали, од кои две златни, една сребрена и три бронзени во индивидуална категорија.
Наградените идни гастрономи од Македонија се: Христијан Јорданоски, Роберт Тодорчев и Стефан Аврамоски.
„Денеска, на последниот натпреварувачки ден, тројцата студенти од ФТУ-Охрид ја освоија и највисоката награда во категоријата ‘мистериозна кутија’ (Black Box), имајќи само 30 минути време да подготват врвен специјалитет со непознати намирници. Организаторот на фестивалот ги одликува македонските натпреварувачи со златни медали и им ја врачи Гран При наградата ‘Златно Тавче’ “, соопшти Факултетот за туризам.
Ментор на младите кулинарски суперталенти е доцент Климент Наумов, раководител на студиската насока Гастрономија при ФТУ.
„Сите тројца студенти учествуваа во категоријата сениори-практично во силна конкуренција од преку 700 натпреварувачи. Овие достигнувања на нашите студенти претставуваат огромен успех во промоцијата на македонската гастрономија во светски рамки“, вели Наумов.
На овогодишниот натпревар учествувале вкупно над 3.500 натпреварувачи од целиот свет.