Под мотото „Рециклирате ли?“, Пивара Скопје организираше нова волонтерска екоакција, чија цел беше чистењето на брегот и на водите на езерото Матка. Покрај досегашните партнери, компанијата Пакомак и амбасадата на Холандија, во акцијата се вклучија и британскиот амбасадор во Македонија и неговиот тим и нуркачите од спелеолошкото друштво „Врело“.
„Македонија е земја со прекрасна природа, која сите ние треба да ја почитуваме и заштитуваме. Се надевам дека ваквите акции ќе бидат пример и поттик за сите граѓани и посетители на овој живописен предел дека одговорноста за зачувување на оваа убавина лежи во секој од нас“, изјави британскиот амбасадор Чарлс Гарет.
Холандската амбасада лани учествуваше и во чистењето на кејот на Вардар.
„Луѓето сакаат да дебатираат за глобалните проблеми, без да се запрашаат дали и тие лично придонесуваат за нив. Гледајќи го проблемот со загадувањето на придодата, мојот апел до сите граѓани е дека е време секој од нас да почне да делува и локално“, рече холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.