Влатко Милошевски на македонската јавност и е познат по својата колекција од над 300 уметнички слики насликани од странски сликари на кои престојувале во Македонија и насликале луѓе, пејзажи, градови од Македонија и други мотиви. Голем дел од неговата колекција слики е претставена книгата во „Лексикон на странски сликари кои престојувале во Македонија во периодот 1850-1950 година“. Живее и работи во Холандија, а како страсен колекционер постојано ги следи светските аукции на слики, огласите на интернет, редовно ги посетува и пазарите за дребулии во Холандија, барајќи нешто што е поврзано со Македонија. Во таа негова потрага деновиве наишол на еден по многу нешта невообичаен оглас објавен во еден холандски весник.
„Неделава на холандскиот веб сајт за мали огласи, Марктплац (Marktplaats), некојси холандски колекционер си ја продаваше колекцијата на стари човечки и животински коски. Човекот ставил повеќе огласи во кои продава коски на денешни животни, мамути, праисториски морски животни, но еден оглас ми го фати окото – колекција на коски од ‘хомо сапиенс’ ископани во Македонија во јуни 2016 година! Со почетна цена од 350 евра, човекот продаваше колекција на коски ископани во Македонија и Холандија. Холандските коски беа од животни, но не ми е муабетот за нив. Но македонските коски?“, вели Милошевски.
Тој вели дека коските биле огласени на следиов начин: „хомо сапиенс, бутна коска (femur со caput femoris), ископана во римскиот амфитеатар, Варош, Охрид, Македонија, јуни 2016“, „ Пештера крај Куратица, Македонија, јуни 2016“, „ Бутна коска, римска населба, Буково, Битола, Македонија, Јуни 2016“, и дека ова „стои педантно напишано на секоја од коските од неговата колекција“, вели Милошевски.
Иако имал големо и долгогодишно искуство во преварување на аукциски наддавања и следење голем број објавени огласи за продажба на најразлични предмети и слики, вакво нешто до сега не сретнал.
„Ме фати едно помешано чувство на тага и лутина. Ме фати тага кога гледам како коските на некој паднат римски гладијатор или на некој несреќник изеден од лав во Охридскиот амфитеатар или пак на некој си загинат римски легионер од гарнизонот на Хераклеа се продаваат за багатела на Марктплац. Ме фати и лутина кога гледам како овие драги холандски туристи кои секоја сезона ги пречекуваме со леб и сол на аеродромот во Подмоље, си играат Индијана Џонс низ Македонија. Не е во ред! На оваа страница се трудам да не солам памет и критикувам. Би сакал само да пренесам добронамерна сугестија – ајде оваа туристичка сезона на секое археолошко место да поставиме информациони табли на англиски јазик кои ќе им кажат на туристите дека е најстрого забрането диво копање или прибирање артефакти, со закана со некоја висока парична казна. Нема многу да чинат овие табли, верувам дека најголемиот дел од туристите се добронамерни луѓе кои кога ќе ги видат таблите, нема да го прават ова што го прават“, сугерира Милошевски на неговата фејсбук страна „Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950“..
З. АНДОНОВ