И ДЕНЕС Е АКТУЕЛНА ПРЕТСТАВАТА „ЗДРАВО СЕДМА СИЛО“ ШТО ПРЕД 40 ГОДИНИ БЕШЕ ЗАБРАНЕТА ВЕДНАШ ПО ПРЕМИЕРАТА, ВЕЛИ ШТИПСКИОТ АКТЕР АТАНАСОВ

    И ДЕНЕС Е АКТУЕЛНА ПРЕТСТАВАТА „ЗДРАВО СЕДМА СИЛО“ ШТО ПРЕД 40 ГОДИНИ БЕШЕ ЗАБРАНЕТА ВЕДНАШ ПО ПРЕМИЕРАТА, ВЕЛИ ШТИПСКИОТ АКТЕР АТАНАСОВАктерската екипа во претставата „Здраво седма сило“ која беше премиерно изведена на 18 јануари 1981 и брзо згасна со тивка забрана и симнивување од репортоар. (Фото: Приватна архива)

    Се навршуваат 4 децении од „Здраво седма сило“, забранетата театарска претстава чија премиера беше на 18 јануари 1981 во Штип. Претставата беше по текст на македонскиот романописец Душко Родев, во режија на Душан Наумовски, а играа штипските актери Јелица Кирова, Лазар Атанасов, Тодорка Гиразова и Томе Гаговски.

    Премиерата во Народниот театар во Штип беше и последната јавна изведба на оваа претстава, затоа што тогашната политика и властите од тоа време индиректно ја забранија. Објаснувањето беше дека претставата била антидржавен елемент, се нарушувал угледот на општествениот поредок и претставувала сериозна диверзија на тогашниот режим.

    Салата на Народниот театар во Штип беше преполна, публиката беше со хетероген состав, ја гледаа новинари, но и политичари како и друга театарска публика од Штип. Но, веднаш по премиерата се крена невидена прашина, дека претставата наводно воопшто не е подобна за тогашниот државен и политички поредок затоа што премногу биле критикувани и девалвирани.

    На оваа забранета престава, речиси по 4 децении, се потсетува и долгодишниот актер Лазар Атанасов, кој во „Здраво седма сило“ ја имаше главната ролја, новинарот Ангел чие перо во претставата беше крајно остро кон тогашните државни и политички институции. Па се случи за претставата да расправаат тогашниот Оппштински комитет на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ) и тогашното Општинско јавно обвинителство.

    Македонски театарски критичар и новинар Иван Ивановски во 2003 ја напиша книгата „Лазе“ посветена на 30-годишниот јубилеј на Лазар Атанасов, кој во претставата „Здраво седма сило“ ја играше главната улога, новинарот Ангел. (Фото: Приватна архива)

    „Не знам од кои причини, но овој драмски текст инспириран од односите на луѓето во една наша новинарска куќа од тоа време, од девијатните појави во неа, во тогашниот систем на самоупоравување и слично, предизвика вистинска бура на негодувања“, вели Атанасов, првиот дипломиран актер на Народниот театар во Штип, кој во 1972 само што ја завршил театарската Академија во Загреб и веднаш се вработил во театарот.

    По првичните јавни напади на веќе контроверзната претстава, за неколку дена во кабаретската сала на Народниот театар во Штип се одржа и јавна дебата за (не)подобноста на претставата, со учество на голем број актери и режисери кои во тоа време, па и сега нешто значат во театарската уметност не само во Македонија и пошироко. Режисери од рангот на Наумовски, Унковски и повеќе други, како и познати македонски пера учествуваа на трибината во одбрана на оваа претстава дека е само едно обично тетарско гледање на општествените работи и дека воопшто не е штетна, ниту е тенденциозна во отсликувањето на состојбите.

    „Кога тогашната политика ги инструира и надлежните државни институции, се случи тогашниот директор Алеко Протогеров да биде повикан во Јавното Обвинителество во тоа време, па за да нема поголема брука да летаат некакви официјални забрани на претставата и под притисок да не се поднесуваат кривични пријави, тој како раководител на театарот едноставно ја симна од репертоарот“, се присетува Атанасов.

    Тој, смета дека ваквата тивка забрана и кревањето голема врева придонесе „Здраво седма сило“ во 1980-те години да доживее голема реклама и популарност па имало барања претставата да се прикажува и во другите градови. Но, самото повлекување значеше дека оваа претстава по премиерата ќе го доживее својот крај, иако по содржината би можела да се прикажува и денес независно од општествениот поредок.

    Народниот театар во Штип уште по премиерата ја пријавил „Здраво седма сило“ за учество на театарскиот фестивал МЕСС во Сараево па претставата доживеала брза, но тајна праизведба само за селекционата комисија на тогашна Југославија, која била воодушевена не само од содржината, туку и од самата професионална изведба.

    „Беше одлучено ‘Здраво седма сило’ да биде прикажана во Сараево, но додека ние се подготвуваме за гостувањето во БИХ најверојатно политиката издејствувала нова забрана, па тогашната селекционата комисија ја симна од дневен ред и од учество на театарските смотри во Сараево“, вели Атанасов, кој во четиридецениската театарска дејност остварил речиси 200 ролји, а за учеството во претставата „Седуммината“ на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1974 бил награден за најдобар млад актер.

    За „Здраво седма сило“ пишува и познатиот актер и поранешен директор на Штипскиот театар Алеко Протогеров во својата книга за театарската дејност во Штип, во која ја обвинува штипската театарска публика од областа на медиумите дека ја подгреале атмосферата за прогласување неподобна претстава.

    На „Здраво седма сило“ се задржува и главниот актер во претставата Лазар Атанасов во книгата  „Лазе“, што ја издал во 2003 кога бил директор на Народниот театар во Штип, а по повод неговиот 30-годишен јубилеј како актер што го одбележал и со монодрамaта „Контрабас“ од германскиот писател Патрик Зјускинд.

    Атанасов „Здраво седма сило“ високо ја цени и денес како професионална мошне добра изведба и притоа не обвинува никого, но смета дека ако тогашното театарско раководство не потклекнало на политичките притисоци претставата и денес ќе се прикажувала. Дали тоа некогаш повторно ќе се случи, сега пензионираниот актер не можеше да каже затоа што времињата се измениле, а со тоа и луѓето кои раководат и учествуваат во создавањето на театарската уметност и дејност во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира