По половина век пилотирање на спортски авиони, едрилици и патнички „боинзи“ и „ербаси“ во Европа, Азија и Африка, штипскиот пилот Раде Ивановски се пензионираше, но работниот век го продолжува како инструктор во школата што ја создал и со успех работи на спортскиот аеродром „Сушево“ кај Штип.
Долг и мошне богат е работниот и авионски пат на Ивановски, еден од најангажираните и најискусни пилоти во Македонија, кој на 65 години замина во пензија. Во неговите 50 години ангажираност во оваа мошне специфична област, првин бил пилот на едрилица, потоа спортски пилот на авиони на аероклубот „25 мај“ од Штип, а потоа и професионален пилот на повеќе типови патнички авиони.
„Во аероклубот ‘25 мај‘ работев и како инструктор за летање на едрилици и авиони, а во 1999 година го добив моето прво вработување како професионален сообраќаен пилот во ‘МАТ‘ на ‘ДЦ 9‘. Потоа бев пилот и на „боинг 737 300‘. Од 2006 до 2010 години работев за авикомпании во Тунис, а наредните две години бев во ‘Ер лифт‘. Во 2011 и 2012 бев пилот во Индија за тамошни авиокомпании, од 2012 до 2015 година во Руанда, а во наредните две години бев во ‘Пегасус‘ во Турција“, вели Ивановски.
Од 2017 година до пензионирањето во 2025 се вратил во Руанда, каде пилотирал како капетан на „боинг 737 НГ“.
„Се разделив со овој тип на пиолотирање, но ако располагаш соодветни сертификати и лекарски одобренија, можеш и натаму да пилотираш во останатиот авиосо0браќај, како што е случајот и со мене“, вели Ивановски.
И самиот не знае дали за време на долгиот работен стаж како пилот повеќе време поминал во воздух или на земја, минувајќи илјадници и илјадници милји над Европа, Африка и Азија, Како што појасни, милјите се важечка мерка во авиосообраќајот, а најмногу слетувања и полетувања, над 100 имал, на аеродромите во Дубаи и Доха, голем број летови имал и за Франкфурт, Цирих, Јужна Африка и Руанда.
Но, животната приказна на Ивановски и неговото семејство не завршува со пензионирањето, затоа што по неговите пилотски стапки тргнале и двајцата негови синови.
„Постариот син Никола е инструктор за авиони, ТМГ и едрилици, а истовремено е и сообраќаен пилот. Во овој период, како копилот на ‘ербас 320‘ и ‘321‘ работи за една авиокомпанија во Бугарија. Помалиот син Марјан исто така е инструктор за ТМГ и едрилици и располага со меѓународен сертификат за овластен сервисер на воздухоплови не само во Македонија, туку и во странство“, вели Раде.
Со оглед на нивната комплетна стручност, тројцата во 2019 година ја формирале првата приватна школа за професионални пилоти во Македонија, „Римин ер“. Низ неа во овие седум години поминале голем број кандидати за обука за ППЛ (приватен пилот) и ЦПЛ (професионален пилот), а голем број пилоти доаѓаат во школата и за обновување на нивните дозволи и за добивање поголем број часови на летање за стекнување на дозволи и овластувања од повисока категорија. Во школата со кандидатите за пилоти работат и повеќе други инструктори, докажани во својата професија.
Авиошколата за нови пилоти располага со повеќе летала, како спортски авиони, едрилици, авиони за комерцијални летови и летала за земјоделска авиозаштита, кои се специјализирани и за прскање против комарци. Овие летала се прилагодливи и за гасење пожари, затоа што располагаат со систем за вода со носивост од 650 литри и во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија, секогаш се на располагање во случај на потреба.
Т. ЈОВАНОВСКИ



