Во Македонија мошне малку или воопшто не е познато дека во почетокот на 1950-те години во Скопје била формирана фабрика за воздухоплови во која се изработувале едрилици кои биле меѓу најдобрите во светот. Реномираниот конструтор Љубомир Тевчев го основал првото препријатие за воздухоплови под името „20 Мај“ кое било лоцирано во близина на локацијата на сегашната гимназија „Јосип Броз Тито“.
„Така создаденото претпријатие, започнало со производство на првите планери кои се користеле во македонските, а подоцна и во другите југословенски аероклубови. Кон крајот на 1954, кај Тевчев се создала желба за изградба на врвна едрилица која ќе биде белег на Македонија. За таа цел, побарал помош од тогаш познатиот конструктор на едрилици М. Илиќ, да конструира едрилица според насоките кои тој ќе му ги даде. Така и било. На почетокот на 1955, на бирото на Тевчев во претпријатието ‘20 Мај’ стоеле цртежите од проектот за новата едрилица. Проектот бил тука, еланот кај вработените веќе бил кренат на високо ниво, а со колективна согласност едрилицата е крстена Илинденка. Со таков елан кај вработените, кои постетувам дека сите биле и воздухопловни ентузијасти, до почетокот на мај 1955 прототипот на првата македонска едрилица ‘илинденка’ бил готов. На ред дошло фотографирањето со гордоста на претпријатието и убавицата на Македонија“, вели реномираниот македонски пилот и хроничар на македонското воздухопловство Ѓорѓи Чачкиров.
Следел пробниот лет, кој се реализирал на некогашниот аеродром во Скопје во денешната населба Аеродром. На пробниот лет присуствувала и тричлена комисија на тогашната Сојузна управа за цивилна воздушна пловидба на СФР Југославија. И, се разбира, „илинденка“ веднаш добила сертификат за пловидбеност и сопствена регистрација.
„Следело и сериското призводство кое, во првиот период, било со уште две едрилици. Вака изградените едрилици биле испраќани ширум СФР Југославија, но се разбира, први ја пробале македонските едриличари. Меѓу оние кои највеќе ја летале и се воодушевувале од нејзините карактеристики биле Славко Димитровски, Славејко Славејков, Илија Обочки, Ѓорги Тосков-Жоро и низа други. Така, оваа едрилица бргу ја стекнувала својата слава во сите аероклубови во тогашна Југославија. Многу тогашни едриличари од југословенските простори во суперлатив говореле за перформансите на македонската едрилица.
Врз основа на сите постигнати резултати, изработен е и нов прототип, за подоцна да се изработи и нова едрилица ‘илинденка 1 Т’, која била посебно изработувана за учество на Светското едриличарско првенство, одржано во Полска во 1958 . На ова првенство едрилицата се пласирала на високото 8. место, во класата на стандардни едрилици. Од Македонија, на првенството присуствувал познатиот пилот и наставник Илија Обочки. За жал, поради мал број нарачки на едрилици од претпријатието ‘20 Мај’, тоа западнало во финансиска криза. Според соговорникот, од политички причини, претпријатието било осудено да престане да изработува едрилици“, вели Чачкиров.
Конструкторот на „илинденка“ Тевчев со некои измени во конструкцијата направил нов тип на едрилица.
„Карактеристичен е фактот што истиот конструктор, со промена на некои елементи и целосно преземен заден дел од ‘илинденка’ пласирал нова едрилица под името ‘мачка’ која продолжила да се произведува на друг југословенски простор. Така завршува историскиот развој на ‘илинденка’ и воздухопловното претпријатие ’20 Мај’. Последните две ‘илинденки’ денес се наоѓаат во Музејот на воздухопловството во Белград. Едната е реставрирана и изложена во колекцијата на воздухоплови, а втората во депоата на музејот.
А воздухопловното претпријатие, под раководство на Љубомир Тевчев, се трансформирало во подоцнежната позната фабрика ‘Алумина Скопје’, која исто така, во почетокот на 21. век престана да работи“, вели Чачкиров.
Д. ЧУБРИЌ