СО ПЕСНА НА ДАРКО ЛЕШОСКИ НА ВЕВЧАНСКИ ДИЈАЛЕКТ ЕУ СНИМИ ВИДЕО ОД ГОДИНЕШНИОТ ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ

    СО ПЕСНА НА ДАРКО ЛЕШОСКИ НА ВЕВЧАНСКИ ДИЈАЛЕКТ ЕУ СНИМИ ВИДЕО ОД ГОДИНЕШНИОТ ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛВо фокусот на Вевчанскиот карневал кој се одржа на 12,13 и 14 јануари и оваа година беа актуелните состојби во земјава и светот. (Фото: Принтскрин од видео Јуроп хаус)

    Три дена Вевчани живее како едно со карневалот, а останатите 362 дена живее за карневалот, велат вевчанци.  За одбележување на пристигањето на новата година по стариот јулијански календар на 12,13 и 14 јануари, сите генерации се под маски во карневалскиот ритам. „Јуроп хаус“, инфоцентарот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, создаде видео од доживувањата од трите карневалски денови во Вевчани, снимени од Томислав Георгиев, а со нарација од песната „Вевчани“ на Дарко Лешоски напишана на вевчански дијалект.

    Во фокусот на Вевчанскиот карневал годинава беа актуелните состојби во земјава и светот. Поворката ја предводеа традиционалните маски со зетот и невестата заштитувани од ѓаволи и глупави августи, веднаш зад нив одеше оркестарот со зурли и тапани. Маскирани во групи, на сатиричен начин го претставија играњето фудбал во кабинетот на поранешниот вицепремиер Артан Груби на поранешните министри на ДУИ, кои со себе го носеа и куферчето од „Државна лотарија“. Низ вевчанските улици продефилира и маска на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков со црвеното „ферари“.

    Вевчанци на сатиричен начин побараа и враќање на старото уставно име Република Македонија на личните документи, не го заборавија ниту бегството на ексвицепремиерот Артан Груби. Дел од маските беше и „Бугарски администратор“, „Планетата на мајмуните“, инспирирана од истоимениот филм, веселата „Вевчанско вече“, тимот на вевчанската женска фудбалска репрезентација, како и карактеристични маски со чудовишта, принцези, снежни кралици, новогодишни елки…

    Вевчанскиот карневал, со традиција од околу 15 века, симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Свети Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот Јулијански календар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира