Семките што ги однесе кинеската сонда „Чанг‘е-4“ изникнале на Месечината, објави Кинеската вселенска агенција. Ова е првпат каква било биолошка материја да израсне на Месечината, што се смета за важен чекор во долгорочните истражувања на вселената.
„Чанг‘е-4“ е првата мисија која се спушти и ја истражува подалечната страна на Месечината и со себе носи инструменти кои треба да ја испитаат геологијата на овој регион.
Досега се случило растенија да изникнат на Меѓународната вселенска станица, но никогаш на Месечината. Ова може да биде клучно за идни долгорочни мисии, како патување на Марс, кое би можело да трае околу две и пол години. Тоа би можело да овозможи астронаути сами да одгледуваат своја храна во вселената и да ги намалат потребите за повторно снабдување од Земјата.
Кинеската сонда во својот товар носеше и почва со семки од памук и компир, квасец и ларви од овошна мува. Тие се складирани во запечатен контејнер и целта е да се создаде минибиосфера, односно вештачка, самоодржлива околина. Кинеските државни медиуми објавија дека памучните семки оформиле пупки.
„Ова е првиот успешен биолошки експеримент на човештвото на Месечината“, објави весникот на Комунистичката партија на Кина, „Пиплс дејли“.