Мапата на лондонските метро станици, дизајн на Хари Бек која беше инспирација за мапите на транспортната мрежа низ целиот свет, е дел од изложбата која ја следи еволуцијата на дизајнот на мапата. Мапата која е поставена на станиците на лондонското метро, во возовите и на аеродромите, сѐ уште е популарен начин за планирање патувања низ главниот град дури и во ерата на паметните телефони.
Во анкетата на „Би-Би-Си“ во 2006, Британците ја изгласаа мапата на метрото за нивен втор омилен британски дизајн во 20. век по авионот „конкорд“, и ги победи борбените авиони „спитфајр“ и црвената телефонска говорница.
На изложбата „Мапирање на метрото 1863-2023“ (Mapping the Tube) во Куќата на мапите во Лондон, се прикажани и се продаваат ретки мапи и постери од метрото, меѓу кои и рачен цртеж на дизајнот на Хари Бек од 1933, кој е проценет на 96.900 долари.
Дизајнот на Бек го смени начинот на кој транспортните мрежи беа замислени ширум светот, трансформирајќи го дијаграмот на искривени линии на географските карти во прави линии што им овозможи на патниците брзо да се снајдат како да стигнат од станица до станица.
„Неговиот концепт беше дека кога патникот е под земја, не му е важно каде е над земјата, сè додека завршува на станицата до која се обидува да стигне“, рече кустосот на изложбата Чарлс Роберт.
Изложбата се совпаѓа со 50-годишнината од смртта на Бек.