ЈАВНОСТА ПРВПАТ ГО ВИДЕ ДЕЛОТО НА ЃОРГИ ЗОГРАФСКИ, „МАНЧЕ КУЈУНЏИЈАТА“

    ЈАВНОСТА ПРВПАТ ГО ВИДЕ ДЕЛОТО НА ЃОРГИ ЗОГРАФСКИ, „МАНЧЕ КУЈУНЏИЈАТА“Сликата е во сопственост на семејството Манчеви и потребно е да се конзервира и откупи (Фото: СДК.МК)

    Во фоајето на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, јавноста за првпат можеше да види оригинално дело на македонскиот зограф и сликар Ѓорги Зографски.

    Делото е портрет на Манче Данов од Велес, попознат како Манче кујунџијата и е во сопственост на семејството Манчеви. Делото на Зографски, кое долги години стоело во дуќанот под Саатот, го претстави Елица Николова, кустос-историчар на уметност од Народниот музеј во Велес.

    „Зографски водел сметка да ги претстави своите мецени што подостоинствено. Делото е со максимално доловување на физичкиот изглед на портретираниот. Обработката на лицето има примарно значење. Неговите дела имаат повеќекратна вредност – уметничка, културно-историска, документарна“, рече Николова.

    Таа порача дека на делото му се неопходни итни конзерваторско-реставраторски интервенции, а потоа да биде откупено од страна на надлежните институции.

    Зографски, според проценките на стручните лица, нацртал околу 40 портрети, а 30-ина од нив се познати на јавноста. Тоа се главно видни трговци и еснафи, кои материјално добро стоеле, сакале да се овековечат, но и да ја помогнат егзистенцијата на Зографски. Меѓу нив се портретите на тогаш познатите добротвори од Велес, Димче Чокал, Михаило Чекардеков, Диме Јовев, Петар Здравев и Андреа Коробар.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира