КИНА ГО ОТВОРИ НАЈДОЛГИОТ МОСТ НА СВЕТОТ, ЌЕ ЈА СЛЕДИ И РАБОТАТА НА СРЦЕТО НА ВОЗАЧИТЕ

    КИНА ГО ОТВОРИ НАЈДОЛГИОТ МОСТ НА СВЕТОТ, ЌЕ ЈА СЛЕДИ И РАБОТАТА НА СРЦЕТО НА ВОЗАЧИТЕМостот долг 55 километри почна да се гради пред девет години и чинеше 20 милијарди долари (Фото: Гети)

    Кинескиот претседател Шји Џинпинг денеска го пушти во употреба најдолгиот поморски мост на светот, девет години откако почна да се гради.

    Вклучувајќи ги пристапните патишта, тој е долг 55 километри и ќе ги поврзува Хонг Конг и Макао со кинескиот град Џухаи, со што патувањето ќе се скрати од досегашните четири часа на 30 минути. Мостот чинеше 20 милијарди долари и првично беше планирано да се отвори во 2016 година. На неговата изградба загинале 18 работници.

    Мостот содржи и 6,7 километри долг подморски тунел, што се наоѓа меѓу два вештачки острови (Фото: АП)

    Дизајниран да издржи земјотреси, тајфуни и ветрови до 340 километри на час, во неговата изградба биле искористени 400.000 тони железо, количество доволно да се направат 60 Ајфелови кули.

    За да се овозможи непречен сообраќај на бродови, мостот вклучува и 6,7 километри долг подморски тунел, кој се наоѓа меѓу два вештачки острови.

    Иако многу скап, мостот не е наменет за редовен сообраќај и преку него ќе може да се поминува само со посебна дозвола, што, пред сѐ, ќе ја имаат специјални автобуски линии и товарни возила. Се проценува дека преку мостот дневно ќе поминуваат 9.200 возила.

    На мостот се инсталирани и специјални камери, кои ќе ја следат состојбата на возачите, односно работата на срцето и крвниот притисок. Ако возачот се проѕева повеќе од трипати, автоматски се информираат властите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира