КОСКЕНА БАНКА И ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКИ И ОД ПОЧИНАТИ ДАРИТЕЛИ ВО ФОКУСОТ НА КНИГАТА НА 4 ДОКТОРИ ОД КЛИНИКАТА ЗА ОРТОПЕДИЈА

    КОСКЕНА БАНКА И ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКИ И ОД ПОЧИНАТИ ДАРИТЕЛИ ВО ФОКУСОТ НА КНИГАТА НА 4 ДОКТОРИ ОД КЛИНИКАТА ЗА ОРТОПЕДИЈАКнигата го отвара прашањето за коскена трансплантација од починати дарители - Лекарите Камнар, Богојевска-Доксевска и Атанасов - (Фото: Приватна архива)

    Четворица специјалисти од Универзитетската клиника за ортопедски болести во Скопје ги актуелизираат прашањата и дилемите за трансплантацијата на коски од починати дарители, како и за отворање коскена банка во земјава.

    Докторите Ненад Атанасов, Јасминка Нанчева, Виктор Камнар и Милена Богојевска-Доксевска работеа на книгата „Основи на коскената трансплантација“ во која има посебен дел за идентификација и регрутирање дарители, како и дел за организација и одржување на коскена банка, со осврт на медицинско-законските аспекти кои се однесуваат на овие поглавја.

    Во книгата детално се опишани сите материјали кои може да се користат при пополнување на коскени дефекти настанати после траума, како последица на вродени деформитети или тумори. Опишани се природни и вештачки коскени заместувачи кои освен во ортопедијата се користат и во стоматохирургијата, неврохирургијата, трауматологијата, па така, велат авторите, ова четиво е корисно за повеќе гранки од медицината.

    Коскените материјали може да бидат од човечко потекло, и тоа од живи или починати дарители (кадавери), од животинско потекло или вештачки. Елаборирани се и биолошките процеси на инкорпорирање на овие материјали, како и генска и клеточна терапија кои неминовно го наоѓаат своето место во решавање на комплексните проблеми од областа.

    „Книгата ‘Основи на коскената трансплантација’ отвора многу дилеми во поглед на потенцијалните решенија на проблемите со кои секојдневно се среќаваат лекарите во својата практика, но нуди и практични одговори, кои се резултат на сублимираното знаење и повеќедецениското клиничко искуство“, велат авторите.

    Книгата може да се користи како учебник за едукација и освежување на знаењето кај специјализантите и специјалистите.

    Книгата е во издание на Издавачкиот центар „Три“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира