Дизајнерката Лидија Георгиева беше единствената учесничка од Македонија на ревијата во чест на починатата српска музичка ѕвезда Слаѓана Милошевиќ, со која синоќа се отвори Модната недела во Белград. На ревијата со еден модел учествуваа дизајнери од бившите југосоловенски простори, а дефилираа вкупно 50 креации.
Слаѓана Милошевиќ, авангардна уметница и пејачка која почина на на 26 март годинава на 69 години, важеше за икона на новиот бран од 1980-тите во Југославија.
„Мојот дизајн содржи елементи од нејзиниот романтичен панк и авангарден период, изработен е на база од мрежа со интегрирани делови од црн латекс во строги геометриски форми кои ја следат анатомијата на телото. На таа основа е додадено ласерски исечено крило од инокс, во соработка со компанијата ‘Завар’ од Скопје, а воедно и декоративниот елемент на очите, како индикација на ангелски крилја. Ангелското крило е на полно начини континуирана инспирација во мојата работа“, вели за својата креација Георгиева, која е и професорка на Институтот за текстилно инженерство на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Милошевиќ дебитираше на музичката сцена во 1977 со песната „Ау, ау“, а истата година го имаше првиот голем настап на концертот кај Хајдучка Чесма во Белград, каде што пееше пред „Бијело дугме“. Еден од нејзините најголеми хитови е „Принцеза“, дуетот со Дадо Топиќ.
„Се сеќаваме на нејзината одлична музика, но и на фактот дека беше моден камелеон. Со својот изглед и автентичност ја заслужи наградата на Белградската модна недела за придонесот и развојот на модната уметност“, рече Ненад Радујевиќ, директор на Модната недела.
Тој рече дека клучна е културата на меморија, која собрала 50 дизајнери кои инспирирани од ликот на Слаѓана Милошевиќ ќе ги претстават своите креации. Програмата која се одржува по 54-ти пат започна со песната „Без надеж“ во изведба на пејачката Зое Кида, додека покрај неа во автентични креации одеа манекенки и познати личности.
Покрај редовната модна публика, на ревијата присуствуваа и актуелни и поп и рок ѕвезди од сцената во времето на Слаѓана Милошевиќ, како Марина Перазиќ од „Денис и Денис“ и Ања Рупел од „Видеосекс“.